Проектот „Накамото_1“, првиот вселенски лов на скриено богатство, ќе биде достапен кон крајот на годината, а компанијата „Лунаркраш“ ќе ја постави богатата награда на Месечината и ќе чека некој да ја земе.
Американската компанија „Лунаркраш“, која се занимава со криптовалути, ќе организира уникатен лов на скриено богатство, и тоа во вселената. Како дел од претстојната приватна мисија наречена MAPP, која ќе испрати автономен ровер во близина на јужниот пол на Месечината, ќе биде испратен и приватен клуч за отклучување на вредната награда - 62 биткоини во вредност од околу 1,75 милиони долари.
Прв пристигнат, прв услужен
Првиот вселенски патник што ќе стигне до роверот ќе има можност да го прочита тој клуч и да го искористи за да отвори виртуелен „ковчег со богатство“. Кога ќе биде тоа и колку ќе вредат тогаш 62 биткоини, можеме само да претпоставуваме.
Пред лансирањето на мисијата, кое се очекува да биде со ракета на „Спејс екс“ во последниот квартал од оваа година, организаторите на ловот на богатство ќе продадат Ен-еф-ти линија, а од приходите ќе се финансира испраќањето на наградниот пакет на Месечината.
Организаторите велат дека нивниот лов на вселенско богатство е проект чија цел е да ја популаризира Web3 технологијата, како и да инспирира нова генерација вселенски истражувачи.
Приватниот клуч ќе биде врежан на чип, кој потоа ќе биде поставен на лунарниот ровер. Процесот на производство ќе биде таков што никој нема да го знае тој клуч, односно ќе стане достапен само за оној што ќе го најде на Месечината.
Фото: Screenshot/Twitter