X
 09.01.2022 Наша тема

Уникатни археолошки пронајдоци и откритија излегоа на површина

Завршија истражувањата на Археолошкиот музеј за 2021 година. Археолозите имаа полни раце работа. Остварија значајни историски откритија. Направени се солиден број истражувања кои продолжуваат да се доистражуваат, доископуваат, анализираат...
Во прилог дел од резултатите од ископувањата на локалитетите на кои се работеше на терен.
 
Ископувања на локалитетот Врбник

Првите сознанија од подводните археолошки ископувања на локалитетот Врбник, кој се наоѓа на западното крајбрежје на Охридското Езеро, на излезот на Струга, во непосредна близина на местото Калишта, се добиени во 80-тите години на минатиот век, а систематски подводни археолошки ископувања се водат во континуитет од 1998 година.

- Од досегашните истражувања е откриен исклучително богат движен археолошки материјал кој го сочинуваат керамички фрагменти, цели садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови, разновидни бронзени предмети: белегзии со преклопени краеви, салталеони, двојни игли, железни сечила, јадици и др. Иако во најголем дел керамиката е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, а период на егзистенција на оваа населба согласно археолошките наоди е 7 и 6 век пр.н.е. - нè информира Александра Папазовска, кустос советник за железно време.



Истражувања беа направени со земање примероци од колците во претходно истражени и документирани делови од населбата, во периодот од август до септември 2021 година.

- Досега се откриени над 500 колци и документиран е простор од околу 500 м2, што е во просек околу 1/10 од целата населба. Генерално можеме да насетиме појава на неколку куќи. Паралелно се вршат и подготовки за дендрохронолошки и карбон-анализи, во просториите на Природонаучниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга.

Локалитет Голема Пешт

Археологот, кустос советник за старо камено време/палеолит и раководител на палеолитските проекти, Љиљана Шаламанов-Коробар, нè информира дека се работело на палеолитскиот локалитет Голема Пешт, Македонски Брод. Тоа е пештера во Поречкиот Регион, на 3,5 км од селото Здуње.

- На ова наоѓалиште работиме од 1999 година, неконтинуирано, 12 сезони до денес. По пробно сондирање вршени се систематски ископувања и отворени се 5 сонди. Периодот старо камено време/палеолит е најстар и најдолг хронолошки период од праисторијата и откриваме камени артефакти и фосилни животински коски. Тоа се камени алатки од средниот палеолит изработени од неандерталецот, како и коски од разни видови фосилна фауна која не е само ловена и јадена, туку и намерно преобликувана за потребите на тогашното живеење. Најстариот период од праисторијата во Европа датира од 1,5 милион години до 10.000 години пр.н.е. Пештерата во која истражуваме содржи траги од времето на мустериенот, кој припаѓа на средното камено време од 100.000 до 40.000 години пр.н.е. согласно археолошкиот материјал и физичко-хемиските анализи - објаснува Љиљана Шаламанов-Коробар.



Таа вели дека е потребно да се обезбедат средства за посттеренска, односно лабораториска обработка на предметите.

- Периодот палеолит нема конзерваторски дејности. Но, затоа треба да се пресметаат финансии и за надворешен специјалист од друга земја поради консултации и проблематичните определувања од типолошко-технолошки карактер. Исто така, потребен е цртач, кој можеби исто така би бил „увезен“ бидејќи се работи за илјадници предмети оти обучен цртач за палеолитски наоди немаме. Од 1992 година во земјава е вработен еден кустос за старо камено време, а во последните пет години едно лице со договор на дело. Секоја истражувачка сезона има недостиг на квалификувани кадри и проблем со обука на моменталната екипа, што ги отежнува и така тешките услови за работа.

Локалитетот Исар-Марвинци

Во рамките на програмата на Археолошкиот музеј за 2021 беа реализирани заштитни археолошки истражувања на локалитетот Исар-Марвинци или железнодопската некропола Лисичин Дол.

- Целта на ископувањата беше да се пронајде западната граница на некрополата Лисичин Дол. Беше истражена површина од 400 квадратни метри, при што беа откриени 12 гробни целини без остеолошки остатоци. Неколку од нив содржеа археолошки артефакти од керамика, железо и бронза, додека преостанатите беа празни - доказ дека сѐ уште богатите некрополи кај нас се цел на константни нелегални дејства од страна на дивите копачи. Единствено археолошките истражувања превенираат спречување на ваквите активности.
Со финансирањето на археолошките истражувања паралелно мора да се одвива и финансирање на конзерваторските проекти. Не смееме да дозволиме археолошки материјал да биде ископан, а поради финансиска неможност за конзервација, да се самоуништи во некое депо - вели Страхил Темов, кустос советник за железно време.

Некропола Гимбабица

Четврта археолошка истражувачка сезона на хеленистичката некропола Гимбабица кај селото Избишта во Преспа.
- Некрополата се наоѓа на зарамнето плато, кое се надвишува над модерниот пат кој ги поврзува Ресен и Охрид, во непосредна близина на селото Избишта. Всушност, со пробивањето на модерниот пат во далечната 1953 г. случајно се откриени првите наоди од некрополата. По направениот стручен увид на археологот Васил Лахтов од Музејот во Охрид, било констатирано дека гробовите потекнуваат од 3 век пр.н.е. Фокусот на истражувањата во 2021 година беше насочен на добивање повеќе информации за нејзината организација, гробните форми и ритуали и откривање нешто повеќе за животните приказни на луѓето што се тука погребани - ни изјави археологот Перо Арџанлиев.

Она што е интересно е откритието на нови гробни форми.
- Оваа некропола е доста значајна за македонската археологија затоа што засега е единствената во Преспанскиот Регион од овој период што се истражува систематски. Сите добиени резултати се новина за науката и ја пополнуваат неправедно направената празнина. Во иднина планираме да продолжиме со истражувања, а и да ги дополниме со интензивни рекогносцирања, нешто што и во 2019 го правевме, со цел расветлување на минатото на овој значаен крајезерски регион - додава Перо Арџанлиев.

Стакина Чешма - Валандово



Радомир Ивановиќ сподели дека годинава тој и неговиот тим биле посветени на Стакина Чешма - Валандово – луксузна доцноантичка вила.
- Иако на локалитетот се истражува со прекини уште од 80-тите години, ланските истражувања ни дадоа значајни информации дека вилата е многу поголема отколку што се мислеше и дека всушност претставува репрезентативен објект со над 10 простории, сите покриени со раскошни мозаици обработени во различни техники и со различни мотиви. Тоа се 500 м², што ја прави една од ретките во земјава. Стакина Чешма заслужува многу повеќе внимание и средства бидејќи се работи за редок објект од овој тип кој засега е единствен во нашата земја, додека во соседството постојат неколку слични примери. Локалитетот се наоѓа во самиот град Валандово и тоа нуди огромна можност да прерасне во сериозна туристичка атракција - вели Радомир Ивановиќ.
За следната година предвидено е продолжување на систематските истражувања на локалитетот, предвидени се и геофизички истражувања на поширокиот простор кои ќе бидат спроведени од страна на сертифицирани геофизичари од Археолошкиот музеј во соработка со експерти од Велика Британија. Со овие истражувања конечно ќе се добијат одговори дали на локалитетот Стакина Чешма се наоѓа голем индивидуален објект или можеби цел доцноантички центар.

Големо Градиште кај с. Коњух

Меѓународни систематски археолошки истражувања имаше и на локалитетите Големо Градиште кај с. Коњух, Кратовско, и на Градиште - Неготино.
- Големо Градиште, кај кратовското село Коњух, е локалитет, поточно локација на непознат утврден град од доцната антика, кој се истражува во континуитет од 2000 година, во соработка со Гетисбург колеџот од Пенсилванија, САД, и Музејот на град Кратово.



Последните 10 години се одбележани со откривањето на дел од централното градско подрачје, со централната епископска базилика, со крстилница од јужната и голем објект од нејзината северна страна. Минатата година таа се доистражуваше, при што беше откриен монументален влез со арки. Сите три влеза од наведените објекти се наоѓаат во непосредна близина еден до друг и се претпоставува дека до нив се пристапувало од широк отворен простор – веројатно централниот градски плоштад – чие откривање ќе биде фокусот на археолошките истражувања на Големо Градиште следната година - објаснува Горан Санев, кустос советник за класичен период.

Неготинско Градиште

Неготинско Градиште е топонимот на висок рид на источниот влез на Неготино, покрај патот за Криволак и реката Вардар. На платото на ридот се откриени остатоци од поголем раноантички град, со континуитет на живеење од 6 век пред н.е. до 3 век н.е.; се претпоставува дека тоа се остатоците од античкиот град Антигонеја.

- Локалитетот се истражува систематски во континуитет од 2009 г., во соработка со Универзитетот во Гдањск од Полска и Музејот на Неготино. Со досегашните истражувања утврдени се стратиграфијата и хронологијата на градот, откриени се градби од резиденцијален и комерцијален карактер, и сегменти од градската улична инфраструктура. Откриените движни наоди зборуваат дека градот се развива значително во хеленистичкиот период, а една од неговите главни стопански дејности било грнчарството. Од лани фокусот на истражувањата е свртен кон откривање на последните фази на градот и нивната релација со одбранбениот бедем од западната страна, чија архитектура е карактеристична за доцноантичкото римско градителство - дополнува Горан Санев.

Мали Дол кај с. Тремник



Археолошкиот локалитет Мали Дол кај с. Тремник, Неготино, систематски се истражува од 2009 година.
- Првпат применивме снимања со георадар, што ни овозможи да добиеме слика за концентрацијата на гробовите. Генерално целите на ова систематско истражување беа да се истражат некрополите од Мали Дол. Првенствено, улогата на овие ископувања е да се заштити некрополата од нејзино оштетување со земјоделските активности, а потоа и да се одреди нејзиниот карактер, да се дефинира изгледот, големината, да се утврди нејзината позиција во однос на соседните локалитети и поставеност, односно да се одреди просторот на нејзиното протегање - информираат од Археолошкиот музеј на Македонија.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема