Министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн-состанок со Роналд де Бруин, директор на Организацијата за европска соработка во науката и технологијата (COST), ја нагласи заложбата на Владата за суштинска промена на третманот на науката и зголемување на нивото на јавни вложување во научноистражувачка дејност.
- По долгогодишна маргинализација на науката и во услови на пандемија ја адресиравме потребата за планско финансирање на национални истражувачки проекти. Пандемијата потврди дека улогата на науката и технологијата во решавањето на предизвиците на современото живеење е круцијална и затоа буџетот за наука мора постојано да се зголемува - рече Царовска.
Потребни се поголеми вложувања во науката бидејќи таа е основата за целокупниот развој и напредок на општеството.
- За таа цел, МОН воведува три нови начини на финансирање. Грантовото е достапно од годинава преку иновациските ваучери на ФИТР. Од идната година се воведува поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година да се воведе програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научноистражувачка дејност - вели Царовска.
Македонија соработува со европската мрежа на научници преку организацијата COST, која обезбедува поддршка за активности за вмрежување и ги координира национално финансираните истражувања.
По состанокот, над 60 учесници главно од академските институции учествуваа на виртуелниот СОЅТ инфо-ден во земјава, на кој се дискутираше за можностите за учество во СОЅТ-програмата на земјите-членки.
COST (Cooperation in Science and Technology in Europe) е најстарата и најголема програма за вмрежување во науката во Европа која е основана во 1971 година со седиште во Брисел. СОЅТ има годишен буџет од околу 45 милиони евра и во оваа програма освен членките на ЕУ, учествуваат и земјите од Европа што не се членки на ЕУ (Швајцарија, Норвешка, Исланд, Молдавија и Турција) како и земјите од Западен Балкан. Нашата земја е членка од 2002 година.