X
 02.07.2024 Наука

Сакате да бидете среќни? Помагајте им на другите луѓе

Сите сакаме да бидеме среќни. Таа желба е движечка сила за толку многу нешта што ги правиме во животот. Но, не секогаш знаеме какви видови активности и ситуации водат до среќата. Предвидувањето како ќе се чувствуваме во дадена околност е она што психолозите го нарекуваат афективно предвидување. Сите ние правиме такви предвидувања секој ден без размислување, а тоа ни ги оформува приоритетите во нашите животи. За жал, ние сме изненадувачки лоши „судии“ за тоа што нѐ прави среќни. Ова е една од причините зошто животот е толку комплициран. На крајот, трошиме многу време инвестирајќи во определби и избори кои не мора да водат до длабока и трајна среќа.

Како пример, ако ве прашаат дали повеќе би сакале да победите на лотарија или да претрпите страшна несреќа што би ве оставила параплегични, вашиот одговор би бил очигледен. Се разбира, вие би биле многу посреќни како добитник на лотарија отколку како жртва на несреќа. Патем, токму таква студија е направена. Во 70-тите години на минатиот век Филип Брикман и неговите колеги ја споредувале среќата и благосостојбата меѓу параплегичните жртви на несреќа и добитниците на лотарија. Изненадувачки - и како доказ за нашата колективна неспособност да предвидиме како ќе се чувствуваме во дадена ситуација, немало разлика меѓу добитниците на лотаријата и жртвите од несреќата. Ако ништо друго, добитниците на лотаријата имале малку помала способност да уживаат во работите (иако оваа разлика не била статистички значајна).

Зошто сме толку лоши во предвидувањето на она што ќе нѐ направи среќни?

Дел од одговорот е дека нашиот мозок еволуирал во време на релативен недостиг. Поради ова, нашата интуиција често нè наведува да веруваме дека повеќе материјални работи (кои, во еден момент од нашето далечно минато, ни помогнале да преживееме), ќе нè направат посреќни. Психолошки сме способни да веруваме дека ако можеме само да добиеме повеќе материјални добра, или да го добиеме тоа унапредување со поголема плата, тогаш конечно ќе бидеме среќни. Но, природата не нè подготвила да живееме во време на релативно изобилство. Ние не сме опремени со психолошки мерач што покажува кога имаме доволно за да бидеме среќни.

Како што со право забележал филозофот Адам Смит:

- Желбата за храна кај секој човек е ограничена поради тесниот капацитет на човечкиот стомак, но желбата за погодностите и украсите на згради, облека, опрема и мебел за домаќинството се чини дека нема ограничување или одредена граница.

Современите психолошки студии постојано покажуваат дека освен да го имаме она што е доволно за нашите основни потреби, поголемо богатство не води до поголема среќа. Еве уште еден пример за тоа колку сме лоши во однос на предвидувањето на тоа што нѐ прави среќа:

Долга листа со експерименти покажала дека помагањето на другите доведува до длабоки чувства на награда и задоволство, понекогаш повеќе отколку кога си помагаме себеси. Сепак, повеќето од нас не шетаат наоколу мислејќи: само кога би можел да најдам повеќе луѓе за да им помогнам денес, тогаш би можел да бидам посреќен. (Можете ли да замислите колку поинаков би бил светот ако интуитивно сфатиме дека помагањето на другите ќе ја зголеми нашата среќа?) Сепак, доказите сугерираат дека таквото размислување би било психолошки попрецизно од природните интуиции што всушност ги имаме.

Експериментите потврдуваат дека алтруизмот е наградуван

Во една студија објавена во списанието „Наука“, на студентите им биле дадени пари во плик. На половина од студентите им било наложено да ги потрошат парите на себе, без разлика дали на сметка, трошок или личен подарок - до крајот на денот. На другата половина им било кажано да ги потрошат парите на некој друг, или да ги донираат во добротворна организација. Изненадувачки за повеќето луѓе (вклучувајќи ги и самите студенти), оние што ги потрошиле парите на други биле посреќни до крајот на денот. Слични експерименти го потврдиле откритието дека алтруизмот е наградуван.

Охрабрувачки е тоа што карактеристиката на великодушноста што предизвикува среќа може дури и да биде вметната во човечката природа. Доказ за тоа доаѓа од анализирањето на овој феномен, кој се чини дека се појавува доста рано во детството. Помеѓу децата помали од две години, оние што подаруваат подароци се посреќни од оние што примаат подароци. И она што истражувачите го нарекуваат „скапо давање“ се чини дека води до поголема среќа отколку нескапото давање. Давате нешто што е ваше (што бара жртва) наспроти подарување нешто што не е ваше, па тоа носи поголема емоционална награда.

Ова не значи дека не треба да трошиме време на грижа за себе. На сите ни треба време за релаксација и рекреација. Но, ако не сме внимателни, нашиот мозок несвесно нè води во насока на претерано инвестирање во себе и нашите кариери и недоволно инвестирање во помагањето на другите - што може да биде рецепт за осаменост, а следствено на тоа и несреќа.

Следниот пат кога ќе имате неочекувано слободно време кое не сте сигурни како да го потрошите, запомнете дека не сте многу добри во предвидувањето  на тоа што ќе ве направи среќни. Вашиот ум ќе ви каже дека треба да ја завршите работната задача, да ја проверите вашата е-пошта или да се вклучите во некоја друга активност за „да напредувате“. Но, ако сакате да ја максимирате вашата среќа, обидете се да направите нешто за некој друг.

Извор: Psychology Today

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука