Во 90-тите години на минатиот век стана јасно дека дигиталната култура ќе го трансформира секојдневниот живот, па многу критичари предвидуваа дека книгите ќе изумрат. Книгите, и печатената култура воопшто, наскоро ќе се гледаат како анахронизми во светот во кој информациите се испраќаат и се примаат со понапредна технологија, сметаа тие, повторувајќи ги експертите кои изразија слично мислење кога телевизијата се појави половина век порано.
Сепак, печатената култура не е застарена, а читањето книги, и како печатени копии и во дигитална форма, остана популарна активност. Всушност, продажбата на книги е стабилна во последниве години, делумно поради пандемијата. Продажбата на печатени книги се зголемила за 9 отсто во 2021 година, според „Паблишерс викли“, а пазарот остана силен оттогаш.
Зошто е така?
Кармен Мартин Гејт ги изрази своите ставови во 1989 година.
- Читањето дава увид во таен свет кој го ослободува човекот од непријателските притисоци на околината, од рутините и измамите - напишала таа откако го доживеала тоа посебно чувство на рана возраст.
Иронично е што оваа „награда доделена со читање“, како што ја опишала Гејт, беше препознаена и ценета во време кога седнувањето со книга в раце веќе се гледаше како застарена, дури и апсурдна практика. Концентрацијата потребна за читање дава чувство на смиреност во сè пофренетичниот свет, смета Гајт, гледајќи на шансата да се избега од вревата и секојдневниот хаос и прифаќањето на самотијата како на „чудесен подвиг“.
Во „Изгубени во книга: Психологија на читање заради задоволство“ од 1988 година Виктор Нел го кажува истото. Според него, читањето е возбудливо, колоритно и преобразувачко и ретка можност да се добие мир, да се стане помоќен и помудар.
Нел обезбедува статистички податоци извлечени од клиничките истражувања кои даваат докази за неговиот аргумент дека читањето нуди психолошки придобивки за оние што одвоиле време да го направат тоа. Читањето не е само радосно искуство, туку речиси универзално, посочил тој, што имплицира дека постои основен човечки нагон - и да се произведе и да се консумира наратив. Да се изгубите себеси во книга, како што сугерира неговиот наслов, е добро и за мозокот и за телото, покажало истражување - нешто што посветените читатели веќе го знаат.
Преиспитувањето на улогата на читањето во дигиталната ера предизвика наплив на мисли кои понудија остри сознанија за тоа зошто луѓето избрале да го трошат своето драгоцено време зјапајќи во зборови во книга или на екран. Зошто да читате наместо да гледате филм, да слушате музика или да шетате во парк?
Барбара Хернштајн Смит го поставува тоа прашање и дава неколку одговори. За неа, читањето е одреден вид скенирање на околината, т.е. визуелен обид да се утврди што е добро или лошо во светот. Луѓето постојано ја скенираат околината на таков начин, што е природен инстинкт за да се проценат знаците и да се добијат информации кои би можеле да бидат корисни.
- Она што читањето може да го направи зависи од тоа кој чита исто толку колку и од она што се чита - напишала Смит.
Издржливо и некако отпорно на надворешни сили, читањето во основата останува фундаментален човечки потфат, а извештаите за неговото претстојно изумирање се многу претерани. Читањето книги, без разлика дали се белетристика, нефикција или сè што е помеѓу, не е само засолниште од културната бура, туку исцелувачко, терапевтско средство кое се чини дека се базира на хемијата на мозокот.
Извор: Psychology Today
Фото: Freepik