Ако некогаш сте посакале да излезете од сопствената кожа затоа што некој употребил погрешна граматичка конструкција, можете да бидете спокојни затоа што сѐ е во ред со вас. Имено, научниците потврдија дека слушањето лоша граматика, односно граматички грешки, кај луѓето предизвикува некои физички реакции, од кои едната е забрзано чукање на срцето.
Истражувањето на Универзитетот во Бирмингем покажало дека слушањето граматички грешки има негативно влијание врз нас, односно предизвикува забрзан пулс кој е поврзан со непријатност, анксиозност, па дури и блага агресија. Научниците спровеле истражување на 41 возрасен човек кои слушале четириесет снимки од говор, од кои половина содржеле граматички грешки.
Додека учесниците ги слушале овие снимки, научниците ги мереле интервалите на отчукувањата на нивното срце. Резултатите од анализата покажаа дека кога луѓето слушнат лоша граматика, срцето почнува да им чука забрзано, што е знак на стрес. Дури и кога слушателите не можеле да препознаат што точно не е во ред со реченицата, нивниот пулс се забрзал. Токму затоа истражувачите дошле до заклучок дека слушањето лоша граматика, особено на мајчиниот јазик, предизвикува непријатност кај луѓето, па дури и го активира рефлексот за бегство.
Професорката Дагмар Дивјак од Универзитетот во Бирмингем, која е и главен автор на ова истражување, вели дека познавањето на мајчиниот јазик е нешто што на некој начин ни е вродено и природно. Затоа, кога ќе забележиме (свесно или несвесно) дека некој погрешно го зборува тој јазик, нашето тело реагира негативно и се обидува да се избори со ова чувство на непријатност.
- Набљудувањето како лингвистичкото знаење може да се открие и преку кардиоваскуларниот систем отвора некои нови можности и димензии преку кои можеме да ја набљудуваме врската помеѓу физиологијата и когницијата, односно спознанието - вели професорката Дивјак.
Извор:
Srednja
Насловна фотографија: Freepik