X
 09.02.2019 Живот

Сан Франциско направи систем за следење на бездомниците

Американскиот град Сан Франциско одлучи дека решението за проблемот со бездомниците во градот е собирање и анализирање на личните податоци.

Имено, програмата наречена „Уан Систем“ (ONE System) сега собира податоци за околу 7.500 бездомници во Сан Франциско за да може градот подобро да ги координира напорите за отстранување на луѓето од улиците. Тоа е програма со благородни аспирации, но и со некои средства за кои тешко се наоѓа оправдување. Бездомниците што ќе учествуваат во програмата ќе треба да ги трампаат своите лични податоци за шанса за добивање помош од владата.

Од август досега системот им помогнал на околу 70 лица да ја напуштат улицата, а луѓето што ја создале програмата се надеваат дека до 2022 година ќе се преполови бројот на бездомници. За да се направи тоа, системот, кој е развиен од страна на технолошкиот стартап „БитФокус“ од Невада, собира податоци од 15 владини агенции и бара од бездомниците да пополнат анкета во која се поставени прашања за нивните дневни рутини, за медицинската историја и други лични податоци кои би можеле да се искористат за да им се даде соодветна помош.

Но, новиот систем не ги отстранува проблемите со кои се соочуваат бездомниците. За да добијат постојано сместување со помош на некоја од програмите во Сан Франциско, бездомниците мора да минат низ проверка на нивното минато, која може да трае до 45 дена и треба да приложат лична карта издадена од владата. Покрај тие систематски проблеми со кои веќе се соочуваат бездомниците, владините службеници ќе треба да ги убедат бездомниците да учествуваат во програмата, иако некои можеби имаат исцрпувачки ментални болести или се сомневаат дека податоците може да стасаат до рацете на полицијата.

Фото: Futurism

Крис Блок од организација која придонесува за програмата вели дека засега никој не се обидел да ги купи податоците собрани со системот и тие останале надвор од допир на властите задолжени за спроведување на законот.

- Има многу грижи околу приватноста. Досега тие прашања не беа значајни, но тоа не значи дека нема да се појават во иднина - истакнува тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот