X
 04.12.2017 Живот

Како ќе функционира оценувањето на жителите во Кина?

кина

Веќе ни е познат планот на Кина за спроведување социјален кредитен систем (официјално наречен Социјален кредитен рејтинг) до 2020 година. Идејата првпат се појавила во документ од Државниот совет на Кина објавен во јуни 2014 година. Ова претставува технолошки напредок толку шокантен за современите парадигми - на граѓаните не им преостанува ништо освен да чекаат научната фантастика да ја покаже својата потемна страна.

Социјалниот кредитен рејтинг изгледа релативно едноставно. Секој граѓанин во Кина ќе добие оцена што ќе биде јавно достапна. Овие поени на граѓаните ќе доаѓаат од следење на социјалното однесување на поединецот - од неговите навики за трошење, редовното плаќање на сметките и социјалните интеракции - и ќе стане основа за тоа колку една личност е доверлива; и ова ќе биде јавно рангирано.

Ова всушност звучи полошо од еден кошмар на Орвел.

Резултатот на граѓаните ќе влијае врз нивната способност за одреден број услуги, вклучувајќи ги и работните места и хипотеките што можат да ги добијат, и ќе влијае врз тоа за кои училишта ќе бидат квалификувани нивните деца. Социјалниот кредитен рејтинг нема да се случи до 2020 година, но Кина веќе започна доброволна имплементација на рејтингот преку партнерство со голем број приватни компании, со цел да се надминат алгоритамиските детали потребни во толкав голем размер.

Компаниите што го имплементираат овој рејтинг ги вклучуваат „Рапид Фајненс“, што е партнер на „Тенсент“, и „Сесаме Кредит“, подружница на „Алибаба“. И „Рапид Фајненс“ и „Сесаме Кредит“ имаат пристап до огромна количина податоци, преку „ВиЧет“ (што има 850 милиони активни корисници), и преку платежната услуга „АлиПеј“.

Застапниците на рејтингот го гледаат ова како можност за подобрување на некои од државните служби. Некои тврдат дека ова ќе им овозможи на кинеските граѓани да имаат пристап до финансиските услуги. Владата вели дека ова ќе им овозможи на луѓето вредни за доверба да шетаат насекаде, додека ќе им го отежне на компромитираните. Во некои ситуации ова може да се покаже како функционално.

Утопичната цел за справување со граѓанските финансии преку структурни проверки и баланс се смета за елегантно решение за намалување на јавниот долг и сигурно ќе ги охрабри сите инволвирани да ги подобрат нивните долгови. Но структурното управување со личните финансии на ова сеприсутно ниво преминува неколку граници.

Главниот проблем е овој: Социјалниот рејтинг оди многу подалеку од оценувањето на нечија способност да управува со долгот; во суштина, става број на една личност и неговата вредност како човечко суштество и ги тера другите да го почитуваат тој рејтинг.

„Предложениот социјален рејтинг на Кина е апсолутна потврда дека Кина оди кон патот да стане целосна полициска држава“, вели Анураг Лал, директор на американската Националната широкопојасна работна група под администрацијата на Обама. „Тие одат чекор понатаму - не само што воспоставуваат тоталитарна полициска држава која го следи својот народ, туку и целосно ја нарушува приватноста на корисниците. Сите форми на активност и интеракции, онлајн или на друг начин, ќе подлегнат на оцени и ќе бидат достапни да се видат и ќе се складираат како податоци“, вели тој.

Наместо да работи како социјален уредувач, овој систем би можел да стане крајно рестриктивен. „Некој што ќе игра видеоигри десет часа на ден ќе се смета за неактивен човек. Некој што често купува пелени ќе се смета за родител за кој е поверојатно да се мисли дека има чувство на одговорност“, вели Ли Јингјун, техничкиот директор на „Сесаме Кредит“.

Ли ова го гледа како позитивен развој, поради што едно лице се охрабрува да преземе поголема одговорност за сопствените навики за живеење и трошење за да заработи позитивен резултат и да стане личност од доверба.

„Како го дефинирате однесувањето на луѓето секој ден? Луѓето прават толку многу различни работи поради различни причини. Ако не се погледне контекстот, може погрешно да се разбере“, вели Лал.

Ова е вистина. Може да стане проблематично ако се смета дека родителите се луѓе на кои треба да им се верува. Што ова ќе значи за оние што се неплодни? Што ова ќе значи за луѓето што се хомосексуалци? Што ова ќе значи за луѓето што едноставно не сакаат да имаат деца?

Веројатно ништо добро.

На крајот, дури и основниот систем на социјално рангирање, кој има само мал број податоци, може да создаде неточна и нецелосна слика за некоја личност. „Можете да играте 10 часа. Ако алгоритмот вели дека сте неактивен, може да ја пропушти причината зошто ги играте овие игри. Можеби сте инженер и правите бета-тестирање. Но и покрај тоа, вие сте автоматски означени како неактивен човек, а во реалноста само си ја вршите работата“, вели Лал.

На крајот, проблемот е што општественото прифатливо однесување ќе биде дефинирано од страна на кинеската влада, а не во демократски процес или со објективен панел. Сигурно ќе постојат и казнени мерки кога една личност ќе ја наруши оваа доверба.

Со социјалниот рејтинг, кинеската влада ќе има начин да го промовира и да спроведе она што го смета за општествено прифатливо однесување и ќе има начин да ги следи речиси сите аспекти од животите на граѓаните.

Лал не верува дека ова би траело долгорочно. „Во слободен свет ова никогаш нема да биде прифатено. Дури и ако се доволно наивни да го прифатат, кредибилитетот на Кина на регионално и глобално ниво ќе страда прилично многу. Техничките компании што работат во Кина веќе се фрустрирани поради интензивните ограничувања кога станува збор за технолошки политики и енкрипцијата - ова само ќе придонесе за нивната фрустрација.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот