X
 09.02.2023 Наша тема

Партиските вработувања, врските, учебниците, наставните програми - што најмногу им пречи на луѓето во македонското образование

Партиските вработувања, врските, несоодветните наставни програми, учебниците, оценувањето, булингот, платите... се дел од нештата што нашите читатели ги сметаат за едни од најголемите проблеми во македонското образование.

Професор во Болоња, професор во Скопје и наставник кој си поднел оставка кажуваат што би смениле во македонското образование

Факултети.мк направи анонимна анкета за тоа што би смениле луѓето во македонското образование доколку би имале можност и добивме навистина голем број одговори, од кои голем дел беа опширни и конструктивни предлози на читатели, меѓу кои се најдоа и професори од факултети во земјава и надвор од неа, наставници кои го напуштиле образованието и се префрлиле во приватниот сектор, наставници кои уште работат во образованието, како и огромен број граѓани кои сакаат нивниот глас да биде слушнат.

Во продолжение издвојуваме дел од огромниот број одговори.



Многу наши читатели сметаат дека треба да им се зголемат платите на наставниците за да бидат помотивирани, но истовремено многумина сметаат и дека треба да се испитува компетентноста на наставниот кадар. Исто така, можеби најчест одговор на нашите читатели е дека треба да се стави крај на партиските вработувања во образованието.

- Реновирање и пристојно опремување на училиштата. Зголемување на платите на наставниците, така ќе бидат мотивирани квалитетни кадри да работат во образование. Секоја година лекарски прегледи, за да се има увид во психичка и физичка здравствена состојба на наставниците. Обезбедување квалитетни наставни програми и квалитетни учебници. И политиката надвор од образование.

-Ќе ги сменев наставниците! Секоја учебна година во друго училиште. Тоа ќе ги мотивира да почнат да работат во новово време... тој што ќе работи, ќе се бара, ќе има резултат. Менувањето на работната средина, разноликата социјална структура на учениците отвора умови....

- Ќе ги покачев платите на наставниот кадар и ќе барав многу повеќе од нив. Нема да вработувам преку политички партии, туку важна улога ќе има знаењето и умешноста во работата со ученици. Нема да дозволам 60% од вработените во образование да клатат врата и да земаат плата само поради тоа што изгубиле желба да го работат тоа што го завршиле од разни причини. Во БРО ќе вработам луѓе кои навистина сакаат да работат, а инспекторите за образование прво ќе имаат домашна работа да го научат Законот за образование, а потоа да бидат инспектори наставници кои веќе добро ја познаваат работата. Нормално, не би дозволил да нема учебници и солидна опрема за училниците! Наставниот кадар мора да ги врати авторитетот и почитта, но мора и да работи како што треба, а не да чека зимски и летен распуст.

- Најпрво би требало да се променат условите во кои работат наставниците, а тоа подразбира деполитизација, подигнување на свесноста за мобингот на работно место, заштита на наставниците од презаштитнички настроените родители и намалување на нивното влијание во формирањето на оценката. Во однос на наставата, потребно е во теоретското учење да се вклучи и моментот на искуство и примена - постепено учење со практични вежби е она што ќе го направи учењето трајно. Исто така, важно е да се работи на менталната хигиена, емоционалниот развој и емпатијата кај учениците.

- Пред сè, би требало да се сменат ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД ПРОФЕСОРИТЕ затоа што кај нив се изгубил педагошкиот дел. Не размислуваат како да го предадат полесно материјалот и да помогнат, туку како да ги излечат своите комплекси, затоа што завршиле тука, каде што се, а не на подобро место. Едноставно не се добри, далеку се од професорите во другите држави, и во знаење и во предавање… За наставните програми не станува збор, тие треба од самиот корен да се променат затоа што се катастрофа… и дефинитивно корумипраноста.

- Без најава и без камери ќе ја следев работата на училиштата и сите други институции поврзани со образованието. Директор на училиште ќе биде оној што навистина знае како да раководи и има краткорочни и долгорочни планови и визија за развој на образованието. Наставникот нема да смее да биде никако партиски активист.

- Кога ќе има хиерархија по компетентност, а не хиерархија по сила, работите ќе си легнат на свое место. Не само во образованието, туку секаде. Компетенцијата на прво место, настрана политиката и парите.

- Би го проверила знаењето на СИТЕ професори и наставници, нивната ментална способност. Сите вработени во БРО мора да имаат претходно искуство (најмалку 10 години) директно во образование.

- Комплетно менување на системот на избор на директор. Пример, директорот може да го одбираат 10 наставници кои ќе бидат избрани од наставничкиот совет. На тие наставници функцијата им престанува веднаш по изборот. Надзор по две години ќе му прават сосема други наставници, кои ќе одлучат дали ќе продолжи во следните две. Исто така, комплетно одземање на ингеренциите на локалната власт во смисла на давање согласности за вработување. Локалната власт треба да има ингеренции само во одржување на училишната зграда и ништо повеќе. Само така ќе се исфрли партизацијата.

- Ќе се погрижев повеќе за достоинството на наставниците и ќе се погрижев да имаат материјали и учебници за работа. Ќе се погрижев да ја имаат потребната поддршка и соработка со министерството и советниците. Не само да ги проверуваат со инспекции и да ги критикуваат, туку и да им се достапни за помош, совет, конструктивни совети и насоки. И не само да им се додава товар на грбот, туку ќе се погрижам наредните министри и влади да не можат да прават промени во образованието по нивна желба и замисла, туку сите наредни да се држат до нешто што вреди и да се негува за да има резултат, а не да страдаат и ученици и наставници и стручни служби. Наставникот треба да има авторитет и да биде заштитен од МОН и инспекторатот, а не да страда и да биде удиран од модерните идеали на родителите и нивните лични желби и замисли.

1.Најпрвин ќе поставев строго пропишани правила за тоа КОЈ МОЖЕ ДА СЕ ЗАПИШЕ И ДА СТУДИРА НА ПЕДАГОШКИОТ ФАКУЛТЕТ И НА ДРУГИТЕ НАСТАВНИ ФАКУЛТЕТИ.
2. Сегашниот закон за наставници и стручни соработници ќе го изменев во насока на подобрување на условите за ИЗБОР при вработување и ВРЕДНУВАЊЕ на трудот (ПЛАТИ) на наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта.
3. Ќе се посветев на реформа за подобрување на работата на ПЕДАГОШКАТА СЛУЖБА, Бирото за развој на образованието, Просветната инспекција и Државниот испитен центар.
4. Секоја година ќе го зголемувам Буџетот на МОН за развој на образованието и науката, но особено на капиталните инвестиции за изградба и реконструкција на училишта, студентски и ученички домови, односно подобрување на условите за работа во училиштата и на универзитетите.
5. Ќе формирам научно-наставни совети во кои ќе членуваат наставници, професори, научници, ученици, студенти, директори, претставници на синдикати од образованието и науката како би ги насочувала образовните политики со непосредно учество и сугестии од најзасегнатите во образованието.

- Прво министерот да биде човек со лични и професионални квалитети, соодветен и ефикасен, наставничкиот кадар да се селектира според стручно познавање и педагошки квалитети, а не според припадност на политичка партија, програмите според кои се работи да се направат соодветни на возраста на учениците и потребите за реалниот живот, квалификувани личности да ги создаваат учебниците, а не да се води деграгирачка политика преку книгите, да се запишуваат студенти според личен успех, да има приемни испитни и да се води сметка за понатамошните потреби од идните дипломци на пазарот на трудот, не да завршуваат со партиска припадност, материјална моќ и непотизам и со деградирачко минимално ниво на интелектуален капацитет, да имаат финансиска помош од државата, да се наградуваат и унапредуваат талентираните ученици. Да се укине неефикасната државна матура која е показател на површноста на учениците, нереални знаења стекнати со измама и непрофесионализам на наставничкиот кадар вклучен во нејзината реализација. Да се зголемат платите на наставниците, а пред сè да се даде углед и почит на професијата со ценење на нивната работа и воспитаната улога, да се поставуваат директори коректни, достоинствени, способни, а не да се продолжена рака на својата политичка партија, кои послушно дозволуваат протекции на ученици, го потценуваат наставниот кадар и дозволуваат мешање во работата на родители и политика. Да се даде вистинска вредност на образованието со подигнување на интелектуална и професионална моќ која треба да има привилегија пред политичка и материјална моќ, односно да бидат платени оние што се навистина квалитетни и да им се обезбеди достоинствена работа, значи системски да се смени сѐ за да имаме достоинствен наставник и учен и воспитан ученик, а со тоа и нормална држава.



Голем дел од нашите читатели се носталгични и сакаат враќање на старите наставни програми, а многумина имаат предлози за реформи во образованието, но не изостануваат и забелешките за оценувањето во училиштата. Ова се некои од одговорите:

- Потребно е да се применат искуствата од поранешните југословенски земји, пред сè, поради сличноста во менталитетот на народот и големите сличности во културата. Преземањето книги и искуства од земји кои се далечни од нас само го прават процесот мачен како за наставниците така и за децата. Тоа е така бидејќи образованието опфаќа и воспитување и имплементирањето сосема несвојствени практики за овие краишта веќе со години не дава резултати. За длабоки промени, потребни се лонгитудинални студии од по 10-ина години, луѓе кои се обучени и имаат години искуство во образованието, а не луѓе чија примарна цел е престижот и моќта во општеството.

- Ќе ја вратам старата програма за образование, ќе го укинам Кембриџ веднаш, ќе воведам бесплатен оброк за сите училишта во државата, донации за бесплатно образование без апсолутно ништо да се купува од страна на родителите, посебен превоз за ученици, реални стипендии и многу други работи за квалитетно образование на учениците.

- Ќе ги укинев оценките, да мора да се учи за знаење, а знаењето да им е потребно за приемен во средно училиште, факултет и крајно за да бидат добри работници. Кога ќе нема оценки, ќе немаат притисоци вработените во образование, ќе немаат конфликти со родителите.

- Ќе контролирав зошто се пишуваат само петки. Постојат оценки од 1 до 5, а во сите училишта 90% од учениците се одлични. Родители нема да може да доаѓаат да молат за оценки и секој ќе се оценува според знаењето.

- За почеток би го укинала описното оценување кое создава немотивирани ученици. Потоа би ставила акцент на усното одговарање, со што би се стимулирало логичкото размислување, но постапно би влијаело и врз збогатувањето на зборовниот фонд. Би рекла стоп за учество на родителите во наставата. И конечно би ја вратила воспитната функцијата на образованието. Клучно е родителите да имаат поддршка во воспитувањето и од образовните институции, но и од медиумите. Нелогично е во прво одделение да учат англиски, а да матурираат и притоа да не знаат да пишуваат македонски. Има уште многу за набројување... програми неприспособени на возраст, задолжително средно образование што ги урниса критериумите за оценување, купување дипломи...

- Во основните и во средните училишта: ќе воведев ригорозни казни за булинг бидејќи сметам дека тоа е еден од поголемите проблеми со кои се соочуваат голем процент од учениците и тоа остава последици не само врз успехот во школо туку и општо во животот. Казни на плата би вовел и за врски и несоодветно оценување. Во основните училишта би вовел час по физичка култура најмалку 4 пати неделно. Освен изборните предмети кои вклучуваат и сексуално образование, би вовел и часови по општо здравје како нутриционизам и хигиена, како и совладување секојдневни вештини. И во средните и во основните училишта би вовел кодекс на облекување и појава на ученикот на школо. Зошто? Пред сè, за да се научат на принципи, потоа да нема споредувања, да не губат повеќе време за спремање за во школо отколку за учењето и правите вредности и крајно за да сфатат дека се убави такви какви што се. Со закон би забранил користење на телефон за време на час и кај учениците и кај професорите. Би вовел инклузија, но не само напишана со закон, туку правилно користење и секако со испитување дали има простор за да се олесни одржувањето на часот за сите. Знам дека градинките спаѓаат под општината, но со закон и со ревизии би проверувал дали постои дискриминација кај децата како во Охрид - не смее да тргне во градинка бидејќи носи пелени на 3 години и сл. Секој што не го почитува законот за имунизација би го изгубил работното место, а не секој со врски може да прави што сака. За материјалот во основно и во средно немам некои замерки, ама сметам дека професорите и наставниците (и јас сум тоа по професија) треба да бидат просветители и за животот на тие деца, а не само за материјалот кој го предаваат. За упис на факултет, сметам дека треба партиципацијата да се намали, особено за државната квота. И да се казнуваат ригорозно сите професори што подлегнуваат на мито и корупција. Исто со закон во сите факултети испитите да се на колоквиум-систем за сите предмети.

- Целосна промена од основно до високо образование. Ревизија на сите учебници за средно и за основно образование. Да се провери компетентноста на наставниците, односно да не биде вреднувана само дипломата што може да се добие на каков било начин, туку да се оценат нивното знаење и педагошки квалитети. Да се вратат сите оценки од 1 до 5, а не само да се пишуваат петки. Да се бара знаење од учениците. Во високото образование да се зголемат критериумите за избор и реизбор во звање. Задолжително да има реизбор за редовните професори за да не заспијат до пензија. Да се бара знаење на испит, а не да се пишуваат бланко оценки. На факултетите да се вработуваат најквалитетните студенти кои со труд го завршиле високото образование и кои уште во текот на студиите покажале интерес за научноистражувачка работа, учествувале на студентски смотри и сл., а не да се вработуваат оние чии родители имаат доволно финансии да им го купат работното место, а со тоа да ја исполнат желбата на своето дете да стане професор по секоја цена. Сѐ на сѐ, македонското образование треба да претрпи промена од корен, а за да биде полесно во спроведувањето на реформите, доволно е барем малку да се навратиме на образованието од порано кога се бараше вистинско знаење од учениците и од студентите, не секој што се запишал на факултет го завршил, така што се произведуваше квалитетен кадар кој успешно можеше да едуцира нови генерации. А, денес со купени дипломи тешко може да се пренесе знаење од основно до високо образование.

- Со оглед на тоа што науката се движи многу брзо, за да бидеме успешни во некое поле, треба да се насочиме што поскоро. Би предложил во средината на основно образование талентираните деца да се одделат во посебен клас (или училиште) со тоа што би следеле позабрзана и понапредна настава. Исто така, би било добро да се овозможи напредните ученици да полагаат матура порано (како во многу западноевропски земји). Во однос на природните науки, експерименталната настава е многу битен фактор во темелното совладување на тематската единица. Би предложил да се воведе час лабораторија еднаш неделно, три часа, каде што ќе бидат опфатени сите природни науки. Секоја седмица различен професор би презентирал различна наука. За ова се потребни добри професори кои, за жал, недостигаат кај нас. Многу е важно да се воведе приемен испит за запишување на факултет. Тоа би придонело оценките во средно да не се најбитен фактор и учениците (најмногу родителите) нема да се форсираат на „со сите петки“, што е еден многу голем проблем во нашето образование. Згора на тоа, би придонело да се селектираат вистинските луѓе за соодветните факултети. Понатаму, програмите на еден универзитет мора да се направат современи (да се форсираат интердисциплинарните науки) и во соодветност со побарувањата на пазарот, така еден дипломиран да биде способен за работата што се очекува да биде извршена од него.

- Ќе го намалам бројот на ученици во паралелките. Ќе вработам наставници онаму каде што фалат, а стручните служби на школите се оставени сами на себе да се снаоѓаат (да спојуваат одделенија, да делат дневен престој и сл.) на штета на децата и целиот образовен процес. Ќе вработувам мотивирани и подготвени наставници за предизвиците што ги носи образованието во современото општество. Ќе донесам закон со кој ќе биде забрането наставниците да бидат членови на политичка партија. Ќе направам нова програма за работа на училиштата, по смерови, од шесто одделение секое дете да се насочи во областа што најмногу му лежи. Ќе вклучам повеќе педагози, психолози, дефектолози кои ќе бидат во постојана комуникација со децата, бидејќи им се  потребни. Ќе ја сменам уписната политика за запишување во средно образование. Ќе ги реновирам студентските домови. Ќе ги стипендирам најдобрите студенти и ќе им овозможам вработување во земјава.

- Ќе гo дигитализирав наставниот процес. Дигитализација на образованието ќе направев со соодветни интерактивни софтвери и платформи каде што учениците ќе можат да напредуваат индивидуално според нивните можности и способности. Фокус ќе ставев на иновативни пристапи во совладувањето на стандардите за учење. Ќе работам на намалување на нееднаквоста и создавање социо -емоционална средина за учење во секое училиште. Наставниците-ментори ќе ги унапредам во наставници-советници кои во секој момент ќе бидат подготвени за поддршка и професионален развој на другите наставници. Наставниците во ова динамично време континуирано мора да ги следат современите трендови на учење и поучување. Вложување во едукација на наставниот кадар. За време на зимскиот и летниот период, кога не се на настава, наставниците да посетуваат структурирани обуки по предметите и вметнување иновативни методи за поучување.



- Ќе ги укинам слободните активности и ќе ги вратам додатната и дополнителната настава како посебни часови. Вака нема време да се посвети време индивидуално на учениците со послабо знаење. За време на слободните активности секој различно работи и му смета на оној со послабо знаење. Втора работа, прво и второ одделение по 6 часа??? Не мора сѐ да се прави како на Запад, нашите услови не одговараат за така. Кај нив тоа е целодневна, а кај нас тоа го нема. Ако има услови во Скопје, не значи дека цела држава треба да пати заради тоа. Деца со неполни 6 години имаат 6 часа? Дали сте седеле 6 часа со толкави деца? На пола им се спие, а другите се уморни... Кај нас нема пауза од 2 часа како на Запад и не седат до 15 часот во училиште. Ова треба да се смени, ништо не се постигнува вака со хаос.

-Учебниците! Да бидат достапни за сите, интерактивни и да може да се пишува во нив. Задолжителни обуки за наставниците - да научат да ги користат современите технологии и да се поттикне интеракцијата со учениците. Да се работи со талентирани деца - да се знае кое дете за што го бива, а не урамниловка. Да се изнесат децата во природа, за да научат како функционира таа. Експерименти по секој предмет. Да им се остави на инспиративните наставници да работат по свое, не да исполнуваат таму некои програми.

-Треба да се замени досегашното оценувањето „кој има најдобра меморија” потребно е со тестовите повеќе да се тестира интелегенцијата на ученикот. Потребна е селекција кој ученик од мал за што има талент на тоа да му се посвети внимние. Оној што сака програмирање нема што да се малтретрија со со амеба и волвокс. Воведување на модерна кабинетска настава по сите предмети. (пр. Хемија без запалена епрувета која ќе го привлекува вниманието на секој ученик не е добро испланиран час).

-Ќе ги ревидирав наставните планови и програми, во основно и средно училиште. БРО пишува содржини што не можат да се поминат во текот на наставата. Треба комплетно нов пристап на предавање на градивото, усогласен кон потребите и можностите на новите генерации. Учебниците се катастрофални по содржина, квалитет и изглед. Создаваат трајна одбојност кон печатен текст. Голем дел од наставниците се катастрофа. За последново, не гледам решение.

- Би ги направил сите училишта едносменски со продолжен престој. Би го намалил бројот на часови и истите би ги направил изборни. Секој ученик сам по своја желба би учел што сака а секој факултет да направи листа со влезни предмети кои задолжително ученикот ги има изучувано во основно и средно.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема