Дали некогаш сте се запрашале каде учат децата на кралските семејства, односно идните кралеви и кралици? Училиштето „Атлантик“ во Велс, дел од мрежата училишта „Јунајтед ворлд колеџес“, е местото во кое образование добиле повеќе деца од кралски семејства.
Овој септември таму ќе почне да учи принцезата Леонор де Борбон од Шпанија. Оваа 15-годишна принцеза, која веројатно ќе го наследи тронот, ќе следи двегодишен курс кој чини до 95.000 долари. Освен принцезата Леонор, оваа есен во училиштето ќе почне да учи и принцезата Алексија од Холандија.
Покрај високата школарина, ова училиште е далеку од елитистичка институција само за богатите и славните. Од училиштето се промовираат како институција за образовна промена. Според директорот Питер Т. Хау, над 60% од учениците се со стипендија.
Мрежата на училишта „Јунајтед ворлд колеџес“ била основана во 1962 од страна на Германецот Курт Хан, кој сакал да ги мотивира младите луѓе од сите нации да најдат мирен начин за поправање на светот поделен со политички, расни и социо-економски граници. Над 10.750 ученици годишно започнуваат да учат на некој од 18. кампуси на 4 континенти на светот кои се дел од мрежата на училишта. Учениците треба да бидат номинирани од специјалните национални комитети за да се запишат во училиштето.
Програмите во училиштето се за последните две години од средното образование. „Тајмс“ го нарекол училиштето „Хогвортс за хипици“ со причина. Во него се изучуваат предмети како околина, социјална нееднаквост и активизам. Учениците имаат четири часа дневно, од 8 часот наутро до 13 часот, а секое попладне е резервирано за личен развој и учениците сами одлучуваат дали ќе го поминат на спортски или креативни активности.
Хау верува дека институцијата ги охрабрува учениците да станат независни мислители и дека минималното време поминато во училница остава простор за други иницијативи. Учениците се сместени во студентски домови, а во собите се групирани по четири ученици.
Некои од поранешните ученици во ова училиште се кралот Вилем-Александар од Холандија, принцезата Раја бинт Ал Хусеин од Јордан, како и принцезата Елизабета од Белгија.
Автор: Армани Сајед
Извор:
insider.com
Фото: Принтскрин/Instagram