X
 22.10.2020 Наша тема

Дали сте задоволни од онлајн-наставата? Еве што велат учениците и родителите

Oнлајн-наставата трае многу кратко, па додека сите да се вклучат, половина од часот е веќе поминат. Не може да се научи како функционира една машина со тоа што само ќе се изгледа една презентација. Дали може да се поврзе една куќна инсталација со тоа што ќе се изгледа едно видео? Децата се безбедни и учат компјутерски вештини... се дел од коментарите на родители и ученици за онлајн-наставата. Како одговорија над 2.000 анкетирани

Како најголем проблем во учењето на далечина се посочува интернет-врската, односно конекцијата со апликацијата за учење. Многу често како техничка тешкотија се истакнува и тоа што во училиштето нема стабилен интернет, па затоа има чести прекини на наставата и учениците и наставниците немаат постојана интеракциска врска

Голем дел од учениците од основно и од средно образование што следат онлајн-настава, како и нивните родители, не се многу задоволни од можностите што ги нуди таа. Речиси две третини од испитаниците на онлајн-анкетата што ја направија порталите Факултети.мк и Деца.мк одговориле со „не“ на прашањето Дали се задоволни од учењето на далечина. За нив, позитивно е тоа што во моментов таа нуди заштита од ширењето на коронавирусот во земјава, но, сепак, најголем дел немаат идеја и конкретен предлог како да се подобри.
Главно впечатокот на анкетираните е дека единствено подобрување на овој концепт е настава со физичко присуство на учениците.

Во анкетата своите размислувања ни ги пишаа 2.126 родители и ученици кои се вклучени во основното и во средното образование од повеќе општини во земјава.



Според одлуката на Министерството за образование и наука, а во согласност со препораките за заштита од коронавирусот во земјава, пред почетокот на учебната година родителите на децата од прво до трето одделение имаа можност да се изјаснат и да одлучат дали децата ќе одат на училиште да следат настава или, пак, тоа ќе го прават од дома преку онлајн-настава.
Одлуката за останатите ученици, односно тие од четврто одделение основно образование до четврта година средно образование, е наставата да ја следат онлајн од дома.

Средношколците и родителите најзасегнати

На анкетата повеќе од половина од одговорите што ги добивме беа од родители (55,4 отсто), или 1.177 лица. Со десетина проценти помалку од нив се вклучиле учениците, или со 44,6 отсто или 932 ученици.

На прашањето „Во кое одделение/клас оди вашето дете (ако е ученик сам одговора)?“ добивме 2.042 одговори. Одговарале учесници во онлајн-наставата од различни одделенија и класови, но со најголем процент учествувале родители на ученици или ученици од прва до четврта година средно. Инаку, средношколците изминатиот период бараа наставата да се одржува со физичко присуство, а за тоа дел од нив организираа и протести.
Најмногу, или 17 отсто од нив посочиле дека се ученици од четврта година средно, а 11,4 отсто или 233 посочиле дека посетуваат трета година средно образование.



Потоа следуваат тие од прва година средно, или 201 ученик. Веднаш зад нив, 196 одговори дале ученици во втора година средно.

Одговорите на родителите чии деца посетуваат настава од прво до трето одделение се движи од 3 до 4 отсто, со оглед на тоа дека овие ученици во најголем број посетуваат физичка настава.

Оцена за онлајн-наставата

На прашањето „Дали сте задоволни од онлајн-наставата?“ одговориле вкупно 2.093 испитаници, од кои повеќе од половина или 1.371, односно 66,5 отсто дале негативен одговор. Потврден одговор, пак, дале 651 испитаник, или 31,1 отсто. Останатите проценти им припаѓаат на оние што не одговориле прецизно, односно посочиле дека делумно се задоволни, дека не се ниту задоволни ниту незадоволни, или, пак, одговориле и со да и со не.

Веќе на следното прашање: „Кои се најголемите проблеми со онлајн-наставата?“ коментирале 1.324 анкетирани. Како најголем проблем во учењето на далечина се посочува интернет-врската, односно конекцијата со платформата за учење. Многу често како техничка тешкотија се истакнува тоа што во училиштето нема стабилен интернет, па затоа има чести прекини на наставата и учениците и наставниците немаат постојана интеракциска врска. Некои од родителите сметаат и дека онлајн-наставата трае многу кратко, па додека сите да се вклучат, половина од часот е веќе поминат.

Така, родител на средношколец од трета година, кој не е задоволен од онлајн-наставата, смета дека наставата по стручните предмети, односно онаму каде што таа треба да е покажана на практичен начин, невозможно е да биде спроведена онлајн.
- Не може да се научи како функционира една машина со тоа што само ќе се изгледа една презентација. Дали може да се поврзе една куќна инсталација со тоа што ќе се изгледа едно видео? Дали може да се научи за процесот на заварување само од книга, без притоа самостојно практично да се испроба - прашува родителот.

Ученик од четврта година средно смета дека предметите математика, физика и програмски јазик не можат да се објаснат со предавање онлајн.
- Голем дел од проблемите тешко можат да се доловат со предавање на далечина - вели ученикот.
Според него, ова може да се надмине ако професорите чии предмети бараат презентација на табла поединечно се снимаат додека пишуваат на табла.



Ем безбедни ем компјутерски потковани

На следното прашање „Што е тоа што ви се допаѓа од онлајн-наставата?“ одговор дале 1.212 од анкетираните. Одговорите им се различни, од тоа дека на овој начин децата седат дома и се безбедни од заразата и дека ова е најдобрата алтернатива во моментот, до таму дека целиот процес на ваквата настава не е добро конципиран.

Најголем дел од оние што одговориле дека не се задоволни од онлајн-наставата дале и кус одговор дека ништо од приложената настава не им се допаѓа.
Сепак, голем дел од оние што се задоволни од онлајн-наставата посочуваат дека им се допаѓа трудот и напорот на наставниците во изминатиот период и нивната посветеност да се приспособат на новиот начин на одржување на часовите.

Многу од родителите сметаат дека една од придобивките на онлајн-наставата е и тоа што децата учат за работи кои се поврзани со компјутерските вештини и алатки.

Ученик од трета година средно и покрај тоа што одговорил дека не е задоволен од концептот онлајн-настава, сепак, му се допаѓа оваа алтернатива зашто вака се штити од заразата.
- Ми се допаѓа што на овој начин следиме настава, а сепак сме заштитени и сме во домашни услови - посочува ученикот.

Друг ученик од четврта година средно, пак, е задоволен од онлајн-наставата и му се допаѓа тоа што на овој начин има повеќе слободно време.
- Одлично е, брзо се спроведуваат часовите и повеќе време сме слободни. Не губиме време на превоз по еден до два часа дневно до училиште - вели идниот матурант.



Родител на ученик во второ одделение го избрал овој начин на настава за своето дете и веќе е задоволен од досегашното искуство зашто смета дека вака секое дете има можност да дојде до израз.
- Наставничката има време да му се посвети на секое од 13. деца што следат онлајн-настава - вели родителот.

Родител на дете од трето одделение е задоволен од наставата во домашни услови на компјутер зашто смета дека вака детето добива и информатичка едукација.
- Ми се допаѓа модерниот приод кон образованието и можноста да се искористат современите методи и дигиталната технологија за илустрација на примери за време на часот. Но, најмногу од сè - безбедноста на здравјето - додава родителот.

Родител на петтоодделенец, пак, вели дека за разлика од минатата година, кога само се праќале материјали за учење на е-пошта и им било оставено на родителите да ги контролираат своите деца, сега има интерна комуникација наставник-ученик, која е најбитен фактор во наставата.

Не веруваат во квалитетна настава

На оние што не се задоволни од онлајн-наставата не им се допаѓа ваквиот начин на образование и посочуваат дека не дава никаков резултат.

Така, иден матурант вели дека онлајн-наставата е скратена колку да се каже дека има некаква настава, но во практика не дава никаков резултат.
- Не може да се држи концентрација, особено ако во домот имате и помало дете (брат/сестра), што не е исто како кога се оди на училиште, има училишна атмосфера, преовладува тишина и има непрекината комуникација помеѓу наставник-ученик - посочува матурантот.

Родител на четвртоодделенец не е задоволен од онлајн-наставата што ја следи неговото дете. Смета дека најголем проблем е тоа што ја нема ветената платформа, а децата немаат интерес да учат на ваков начин.
- Единствено што ги задоволува критериумите е ангажманот на учителката. Таа навистина се труди околу децата - вели родителот.
Според него, она што треба да се промени во целиот овој процес е тоа што некој треба да сноси одговорност за нефункционирањето на платформата.

Физичкото присуство најчест предлог за промена

На прашањето: „Дали имате предлози нешто да се промени во овој тип на настава?“ одговориле 1.196 лица, од кои повеќето не посочуваат конкретни предлози за промена на начинот на одвивање на онлајн-наставата. Најголем дел од анкетираните сметаат дека промената на овој тип настава треба да биде направена со физичко присуство на учениците во училиштата.
Така, родител на четвртоодделенец посочува дека не е задоволен од онлајн-наставата и смета дека децата треба да се вратат таму каде што им е местото.
- Децата треба да одат во училиште исто како и во сите други држави - посочува родителот.
Друг родител на петтоодделенец смета дека треба повеќе да се размислува за подобрување на интернет-конекцијата за подобро и поефективно одвивање на часовите.
- Треба да има поголема контрола на активноста и присутноста на децата. Ние сме на работа и детето е само дома. Наместо да слуша, може да си гледа нешто на Јутјуб. Звукот и видеото на платформата му се исклучени за да нема прекини во интернет-врската. Тоа од нив го бара наставничката - вели родителот.


Фото: Фрипик

Родител на осмоодделенец, пак, кој не е задоволен од онлајн-наставата, конкретно посочува дека од Министерството за образование и Факултетот за информатички науки треба да се овозможи правилна работа во Мајкрософт тимс на наставниците и учениците за да може учениците да праќаат домашни задачи, да добиваат повратни информации и оценки во Тимс, а не да праќаат по месинџери, вибери, чекајќи го Финки да ја стави во функција националната платформа, која реално го содржи делот од Moodle кој не е за основци, особено не за одделенска настава.

- И факултетите работат со Тимс онлајн-настава во моментот, а Moodle ја користат за известувања. Тој дел од Moodle (и национални платформи) воопшто не е потребен, секако часовите се држат на Тимс и преку националната платформа, значи Тимс е најглавната алатка, така и да си продолжи. Но, без забрани на алатки и можности во Тимс. Мајкрософт тимс се користи во светски рамки, нема потреба од адаптации и импровизации со кои им одмагаат на наставниците и учениците и на наставниот процес воопшто - посочува родителот.

Средношколец од трета година смета дека Владата треба да обезбеди стабилна интернет-врска прво кај професорите и наставниците, а потоа и кај семејствата што не се во можност да си го дозволат тоа.
- Дополнително треба да се обезбедат и бесплатни компјутери за оние деца што немаат. Не се следи настава од телефон. Очите си ги расипавме - вели средношколецот.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема