X
 17.04.2019 Живот

Директор направил вистинска промена во животот на учениците

Кога Акбар Кук, заменик-директор во средното училиште „Вест Сајд“ во Њуарк, Њу Џерси, почнал на работа, конечно бил во позиција да направи вистинска промена во животот на неговите ученици.

Но, никој, вклучувајќи го и него, не можел да замисли колку е силно неговото влијание.

На самиот почеток на работата тој бил загрижен за растечкиот проблем на исмејување и малтретирање, што предизвикувало учениците да не одат на училиште. Проблемот бил толку голем, што речиси 85 отсто од учениците во изминатите неколку години избегнувале да одат на училиште.

Акбар открил дека голем дел од нив не можеле да си дозволат да ги перат своите униформи, така што избирале да останат дома наместо да одат на училиште во валкана облека поради која често биле исмејувани од нивните соученици. Честопати другите ученици ги фотографирале валканите јаки или панталони и ги постирале на социјалните мрежи. Освен тоа, во 2016 година имало поголем инцидент кога обезбедувањето сакало да ја провери чантата на една девојка, меѓутоа, таа почнала да вреска и да не дозволува обезбедувањето да види што носи. Подоцна било откриено дека таа ја носела својата валкана облека бидејќи повремено била бездомник и се плашела да не откријат луѓето.

masina
Фото: catresa.mcghee


- Се бореше за нејзината гордост - објаснува Кук.

Поради овој проблем, кој станувал сè поголем и поголем, Кук поставил машини за перење и за сушење облека во самото училиште. Подоцна забележал нешто неверојатно - присуството на учениците се зголемило за 10 отсто.

Кук аплицирал за грант од 20.000 долари за апаратите, пет машини за перење и пет машини за сушење. Училиштето ги обезбедило потребните средства, па соблекувалната била претворена во пералница каде што учениците можеле да си ги перат алиштата. Но, иницијативата не завршила тука - директорот направил соба наречена „Мејкрспејс“, во која наставник работел пред и по наставата со учениците на проекти од науката, технологијата, инженерството и математиката и заедно ги истражувале нивните интереси.

Сепак, постојат длабоко вкоренети проблеми во оваа зедница, многу поалармантни од исмејувањето и малтретирањето, а директорот е принуден да се справи со нив. Пред неколку години, секое лето биле убивани двајца или тројца од неговите ученици поради насилство на улиците. Тој се сеќава на тажниот момент кога еден од неговите ученици бил пронајден во канта за ѓубре, непосредно пред зградата на училиштето.

- Морав да пронајдам начин да ги спасам - изјави Акбар.

programa
Фото: catresa.mcghee


Затоа Акбар ја вовел програмата „Лајтс Аут“, која се фокусира на тоа да ги тргне младите од улиците. Програмата има цел да создаде безбеден простор за децата, така што тие нема да мора да поминуваат време на улиците и да се насочат кон негативни влијанија. Инспирацијата за овој концепт потекнува од детството на Акбар. Тој сфатил дека салата за вежбање во рамките на училиштето може да биде одлично засолниште за целата заедница. Во текот на учебната година вратите се отворени за сите во петок од 18 часот до 23 часот. Во текот на летото луѓето можат да ја посетат салата во понеделник, среда и во петок од 18 до 23 часот. Членовите на заедницата тука можат да играат кошарка, пинг-понг, различни игри како „Монопол“ и „Доказ“, икс-бокс или „плејстејшн“, можат да научат да танцуваат, да шијат, да дизајнираат, да шминкаат и многу други активности. Освен тоа, учениците добиваат бесплатен топол оброк. Благодарение на донациите од заедницата, програмата успева да се развива секоја година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот