Данска почна проект за чување јаглероден диоксид на длабочина од 1.800 метри во Северното Море. Со тоа Данска ќе стане првата земја во светот која ќе закопува јаглероден диоксид увезен од странство.
Гасот ќе се закопува за да се спречи дополнително загревање на атмосферата. Местото на кое ќе се чува е старо нафтено поле. Проектот наречен „Гринсенд“ е воден од британската компанија „Инеос“ и германската компанија „Винтершел ди“. Се очекува да се закопуваат до 8 милиони тони јаглероден диоксид годишно до 2030 година.
Други проекти за закопување јаглероден диоксид постојат низ светот, но овој се разликува во тоа што ќе користи увезен јаглероден диоксид. Јаглеродниот диоксид се претвора во течна форма по издвојувањето од воздухот и потоа се пренесува до резервоари.
Фото: Pixabay
Министерот за клима на Данска, Ларс Агард, изјави дека проектот ќе ѝ помогне на земјата да ги достигне своите климатски цели, а со оглед на тоа што земјата може да чува повеќе од гасот отколку вкупните емисии, државата може да го прави тоа и за други земји.
Северното Море е соодветно за овој проект бидејќи во регионот веќе има цевки и места кои останале од копање нафта и гас.
Технологијата не е без ризици бидејќи потенцијалните изливи може да имаат големи последици. Освен тоа, трошоците за проектот не биле јавно откриени.
Извор:
Euronews
Насловна фотографија: Pixabay