Последниве денови сите сме преокупирани со вестите за наоѓањето на нашите сонародници во Егејското Море. Сето тоа нè натера да се запрашаме што му се случува на човечкото тело кога ќе се најде во солена морска вода толку долго.
Дури и ако носите спасувачки елек, преживувањето во огромното море додека да дојде некој да ве спаси воопшто не е лесно. Што би била најголемата закана за вашето преживување? Како очите на рибите може да ви го спасат животот и колку време имате пред водата да почне да ви ја уништува кожата?
Реалноста е дека ќе бидете голем среќлија ако издржите 24 часа. Хипотермијата може да се појави за неколку минути, а за кратко ќе дојдат и дехидратацијата и исцрпувањето.
Клучно е да запомните дека ќе бидете опколени од солена вода која не може да ја пиете, но може да ве спаси од давење. Имено, како што сите знаеме, многу е полесно човек да се удави во слатка отколку во солена вода. Околу 90 отсто од сите давења се случуваат во слатка вода.
Не само што солената вода е попловна од слатката, туку е и побезбедна за вдишување. Ако се давите во солена вода, тоа е затоа што водата што сте ја вдишале во белите дробови не ви дозволува да вдишете кислород и да издишете јаглероден диоксид. Но, со слатката вода може да биде малку покомплицирано. Таа може да ве убие дури и откако ќе биде отстранета од белите дробови. Кога солена вода влегува во дишните патишта, високата концентрација на сол спречува водата да помине во ткивата на белите дробови. Но, кога слатка вода ќе навлезе во дишните патишта, таа може да влезе во незаштитените клетки на белите дробови и да ги отече додека не пукнат. Тоа може да доведе до толку тешко оштетување, што може и да нема закрепнување дури и по вадењето на водата од белите дробови.
Сепак, и солената вода има лоши страни. Ако околу вас има само солена вода, дехидратацијата може да биде голема закана. Ако ве пече сонце, дехидратацијата може да се појави по само еден час.
Ќе губите вода поради потење, уринирање, па дури и дишење. Кога ќе се појави дехидратацијата, ќе почнете да се чувствувате екстремно жедни, зашеметени, збунети и уморни. Ништо од тоа не ги зголемува вашите шанси за преживување.
Ако имате среќа, ќе врне. Дождот е добар извор на вода за пиење. Само легнете на грб и отворете ја устата. Но, ако не врне, ќе морате да бидете малку покреативни. Обидете се да фатите голема риба. Ако успеете, тогаш сè што треба да направите е да ѝ ги изедете очите. Очите на големите риби се полни со водена течност која сигурно ќе ви ја згасне жедта. Знаеме дека е малку грозно, но нема време да се грижите за тоа бидејќи поголем проблем е хипотермијата.
Генерално, може да очекувате да преживеете во вода со температура од 5 Целзиусови степени 10-15 минути пред да ви ослабат мускулите и да изгубите сила. Тоа се случува бидејќи крвта оди во најдалечните делови од телото кон средината. Најдобриот начин за спречување хипотермија е да ги кренете колената кон градите и да ги држите така за да можете да задржите колку што е можно повеќе топлина. Добро е и помалку да се движите за да зачувате енергија и да не привлекувате предатори.
За да преживеете на отворено море, најважно е да избегнувате такви ситуации. Ако одите на риболов, или да пловите со брод, не заборавајте да им кажете на луѓето каде планирате да одите и кога планирате да се вратите.
Технологијата го олеснува барањето луѓе изгубени во море, но колку повеќе информации, толку подобро.
Најважно е брзото спасување бидејќи останувањето во вода подолго од 24 часа може да предизвика распаѓање на кожата. Ако се случи тоа, ќе имате отворени рани и поголем ризик од инфекции, дури и ако водата е целосно стерилна.