X
 09.06.2019 Живот

Овој британски супермаркет продава производи без амбалажа

Пластичните кеси за еднократна употреба се сè поретки низ светот, а Танзанија се најде меѓу 91 земја што донесоа забрана за пластични кеси.

Во обид да се исфрли пластиката од употреба некои супермаркети експериментираат со продажба на храна без амбалажа. 11 недели по ред британскиот супермаркет „Веитрос“ ги поттикнува клиентите да си носат сопствени кеси за купените производи.

„Веитрос“ ќе ја води пилот-програмата до 18 август за да ги тестира концептите за кои супермаркетот вели дека би можеле да ја заштитат планетата од илјадници тони пакувања и пластика.

Таканаречените зони за „повторно полнење“ нудат 28 производи, вклучувајќи тестенини, ориз и зрна, како и пиво, вино и кафе.

Купувачите го мерат нивниот празен сад и печатат ливче со бар-код. Откако ќе го наполнат садот со избраниот производ, клиентот го скенира бар-кодот и повторно го мери садот - добива второ ливче со цената на производот минус тежината на садот.

Купувачите можат да ги полнат садовите и со средства за чистење, кои се поевтини од оние во шишиња.

1
Фото: Waitrose & Partners

- Овој пилот-тест ќе ги донесе нашите напори на сосема ново ниво, бидејќи им помагаме на купувачите да купуваат на поодржлив начин - вели Тор Харис, раководител за корпоративна општествена одговорност во „Веитрос“.

Супермаркетот си постави цел до 2023 година да создаде сопствени амбалажи што ќе можат повторно да се користат или лесно ќе се разложуваат.

Методот на повторно полнење го тестираат 40 трговци низ светот, со оглед на тоа што се зголемени притисоците врз компаниите да го елиминираат пластичното пакување. На глобално ниво повеќе од 350 компании потпишаа Глобална посветеност за нова пластична економија, дел од иницијативата на фондацијата „Елен Мекартур“ и Светскиот економски форум.

Компаниите исто така се обврзаа да ја прекинат употребата на непотребна пластика, вклучувајќи ПВЦ, пластични сламки за еднократна употреба и кеси за носење, најдоцна до крајот на оваа година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот