Доказ за тоа дека развојот на туризмот и порастот на бројот на туристи има свои негативни страни е и сè поголемиот отпор на Британците кон туристите. Поточно, ним сè повеќе им е преку глава од луѓе што одат во Лондон и во другите градови за да направат селфи на познати локации. Тие идилични места се толку преплавени со вакви глетки, што ги уништуваат, а одредени жители толку многу се изнервирале што решиле и да се иселат.
Лондонскиот крај Нотинг Хил го паметиме по истоимената романтична комедија со Џулија Робертс и Хју Грант. Освен споменатиот филм, туристите ги привлекуваат и шарените фасади, што повторно ги разлутува жителите.
На бабичката Ингриид, која веќе 40 години живее во населбата, најмногу ѝ пречи што туристите седат на скалите и што често знаат да бидат груби и бучни. Нејзината ќерка Клер се обидела да ги запре, но туристите ѝ се дереле и ја навредувале.
Нивната сосетка Ари истакнува дека Нотинг Хил се претворил во Дизниленд - туристи од целиот свет стојат покрај нејзината ограда, јадат пред нејзината влезна врата, често и се потпираат на неа. Таа се обидувала на разни начини да се ослободи од нив - го оставала влезот валкан, контактирала со член на локалниот совет само за да добие одговор дека нема што да се направи. Сè било без успех. Таа дури и размислува да ја бојадиса фасадата во бела боја.
Но, Лондон не е единствениот град што им е мета на селфи-мајсторите. И жителите на главниот град на Шкотска, Единбург, се нервираат поради истиот проблем. Циркус Лејн, едно од најфотогеничните места во градот, има многу луѓе што прават селфиња и позерски фотографии. И селото Бајбри со развојот на селфи-културата во текот на последните години стана едно од местата што се најдоа на мапата на инфлуенсерите. Годишно ова село го посетуваат од две до три илјади лица.
Правењето фотографии не е нелегално, ни на улица ни на нечиј влез, освен ако сопственикот на објектот со ознака го кажува спротивното. Но, она што не треба да се толерира е непочитувањето и безобразието. Без оглед на тоа колку профит носат туристите, она што не треба да го носат е некултурата. Трендот принуди некои луѓе да се иселат од овие туристички дестинации. А на крајот се наметнува прашањето колку сме заборавиле опуштено да уживаме во моментите на одмор и патување и колку сме станале опседнати со селфињата. Последиците веќе може да се
видат.