X
 09.07.2019 Наша тема

Идните бруцоши да се стрпат уште малку, конкурсите за уписи доцнат само еден месец

Од МОН не даваат попрецизен одговор зошто толку доцна стигна информацијата за квотите за упис на високообразовни установи во Владата, каде што ја изгласаа на 5 јули

Новите студенти на некој од државните факултети ќе имаат уште некое време за да одлучат каде ќе се запишат, со оглед на тоа дека сè уште не се распишани конкурсите за упис во прв циклус додипломски студии за 2019/2020 година. На последната владина седница (на 5 јули) беше усвоена информацијата со предлог за бројот на студенти за запишување во прва година – прв циклус за учебната 2019/2020 година. Сега се на потег универзитетите во земјава да ги распишат конкурсите за упис во прва година.
Речиси еден месец подоцна ќе бидат објавени конкурсите на јавните универзитети во земјава. Лани конкурсот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје беше објавен на 13 јуни. Од УКИМ велат дека во наредниот период ќе биде објавен и конкурсот за идната академска година.



На нашето прашање зошто се доцни, од Министерството за образование и наука без попрецизен одговор:
- На минатата владина седница беше доставена информација за квотите за упис на високообразовни установи, но усвојувањето е одложено за наредната седница (5 јули, н.з.) откако Министерството за образование и наука постапи по забелешките што Владата ги имаше за истите – објаснија од МОН.

Во споредба со изминатите неколку години, повеќе од очигледно е дека годинава се доцни најмногу.
Конкурсот за 2015-2016 година беше објавен на 24 јуни, наредната учебна година - на 23 јуни, во 2017/2018 година беше објавен на 5 јули, а лани 2018-2019 година – на 13 јуни, а квотите од Владата беа одобрени уште на почетокот на мај.

Од Влада нè известија дека освен усвоената информација со предлог за бројот на студенти за запишување во прва година – прв циклус, имало информација и за предлог-одлуката за давање согласност на конкурсите за запишување на студии од втор циклус на студии на јавните високообразовни установи, односно на факултетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово, „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје, во учебната 2019/2020 година.



- Истовремено, Владата вчера ја усвои и предлог-одлуката за давање согласност на конкурсите за запишување на студии од трет циклус на јавните високообразовни установи на универзитетите УКИМ, УКЛО и УГД, како и предлог-одлуката за дополнителни квоти за запишување студенти припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија во прва година - прв циклус на студии на јавните високообразовни установи на универзитетите УКИМ, УКЛО, Универзитет во Тетово, УГД, „Св. Апостол Павле“ - Охрид и „Мајка Тереза“ - Скопје.

Ако се знае дека допрва треба да биде распишан и конкурс за сместување по студентските домови, идните академски граѓани ќе треба да се стрпат.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема