X
 15.08.2019 Образование

УКЛО подготвен за новите студенти: Обезбедени уписнини за 110 бруцоши

Пред стартот на првиот уписен рок на 29 и 30 август 2019 г., Универзитетот „Св. Климент Охридски“– Битола ширум ги отвора вратите за новите студенти. Според Конкурсот, во академската 2019/2020 година има 2.935 слободни места, 1.575 во државната квота, 820 со кофинансирање и 540 за вонредни студенти. Најмногу места има на Техничкиот факултет 505, нови 400 бруцоши може да се запишат на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, исто толку, 400 места има и на Факултетот за безбедност во Скопје, 330 студенти може да студираат на Економскиот факултет во Прилеп, 300 на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Нови 280 бруцоши може да се запишат на Високата медицинска школа, 220 на Правниот факултет во Кичево, 215 на Педагошкиот факултет, 165 на Факултетот за биотехнички науки, на Технолошко-техничкиот факултет во Велес 75 и 45 нови студенти на Ветеринарниот факултет.

Заинтересираните кандидати имаат можност за солиден избор од широката лепеза специфични профили. Имено, УКЛО нуди многубројни акредитирани и aтрактивни студиски програми што се поврзани со пазарните потреби и кои се интегрирани во опкружувањето.

Инаку, Конкурсот за упис на нови студенти е достапен на веб-страницата на УКЛО и веб-страниците на единиците во состав на УКЛО.

Во моментот УКЛО ги презеде сите неопходни организациски и технички подготовки за успешна реализација на Конкурсот и уписите во целост. Покрај соодветни кадровски, просторни, технички и севкупни услови за студирање, УКЛО и годинава нуди нова мотивација за новите студенти, 110 уписнини во прва година. Имено, УКЛО во рамките на одбележување на јубилејот - 40 години од основањето, како најпопуларно за идните студентите го промовира ослободувањето од плаќање партиципација за 110 новозапишани бруцоши или по 10 најдобри студенти на секоја единица.

Од УКЛО потврдуваат дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола поддржува политики за мотивирање на најдобрите студенти и во новата академска година го стимулира студирањето на УКЛО со 110 уписнини. За своите потенцијални студенти УКЛО обезбеди по 10 школарини на секоја единица од Универзитетот. УКЛО смета дека со оваа иницијатива се стимулира студирање на УКЛО и се нуди конкретна поддршка за студентите во услови кога општеството има потреба од солидни знаења и создавање стручњаци кои освен лична афирмација, ќе се трансферираат во компаниите и ќе придонесат за развојот и просперитетот на државата.

УКЛО во новата академска година ќе реализира и други активности, преку посебни фондови да дава поддршка и поттик на студентите и процесите за стекнување вештини и квалитет, што претставуваат неделиви сегменти во остварувањето на дејноста на УКЛО.

uklo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование