X
 26.08.2020 Образование

Во пресрет на уписите, УКЛО нуди силна поддршка за студентите со стипендии и вработување

Во пресрет на првиот уписен рок на УКЛО, Универзитетот ги интензивира активностите за успешна реализација на Конкурсот, поголема поддршка за студентите, со целосно и доследно почитување на засилени безбедносни протоколи.

Пријавувањето на кандидатите за УКЛО почнува утре, 27 август, и ќе трае заклучно со 1.09.2020, по што запишувањето на кандидатите ќе се врши на 10 и 11.09.2020. 

Според Конкурсот за упис на нови студенти на УКЛО, во академската 2020/21 година, на 11 високообразовни институции слободни се 2.697 места.

Во интерес на бруцошите, УКЛО покрај постојните, со уште еден, нов меморандум за соработка овозможува  стипендирање и поддршка за своите студенти.
Потпишан е договор за соработка помеѓу УКЛО и SN Осигурителен Брокер АД Битола, со кој се нуди конкретна поддршка: три стипендии за студенти на насоката осигурување од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид со можности за вработување, како и вработување на најдобриот студент од ФТУ.

1

Ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, изјави дека УКЛО продолжува со напорите да биде поблиску до бизнис-заедницата и да биде општествено одговорен универзитет. Со најновиот договор се помагаат студентите од УКЛО во нивниот иден кариерен развој. Приближувањето до бизнисот, како што е случајот со SN Осигурителен Брокер АД Битола, една од најреномираните компании во овој сектор, претставува признавање на квалитетот на УКЛО. Тој напомена дека триесетина респектабилни фирми и компании  стипендираат студенти на УКЛО.

Марија Илковска, советник за маркетинг од компанијата, истакна дека имаат намера покрај давање шанса за најдобрите, компанијата да ја градат со млади, високоедуцирани и перспективни кадри. Со соработката со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се придонесува за развојот на образованието на младите, кои треба да прераснат во столб и силна потпора на нашата иднина.

3

Воедно, се нагласува дека нема да изостане поддршката и за други студенти на УКЛО, особено во делот на унапредување на едукативни, истражувачки и апликативни активности. Потпишувањето на договорот за соработка помеѓу УКЛО и SN Осигурителен Брокер АД Битола е дел од стратешките заложби на УКЛО за пошироко поврзување со деловниот свет и бизнис-секторот и градење цврсти и конкретни релации со опкружувањето.

На чинот на потпишување на договорот помеѓу ректорот Коруновски и еден од извршните директори на SN Осигурителен Брокер АД Битола, Зоран Пејчиновски, присуствуваше  раководниот тим на УКЛО. Настанот се одржа со доследна примена на строги безбедносни протоколи за заштита од коронавирусот.

Покрај оваа новина, УКЛО на сите единици и на официјалните веб-страници  и социјалните медиуми објави насоки за постапување на единиците на УКЛО за време на пријавувањето/запишувањето кандидати по Конкурсот во прва година во академската 2020/2021 година. Освен користење заштитна опрема, на единиците на УКЛО организирани се и  редарски служби за спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу кандидатите и поставени се ознаки за правецот на движење и задолжителната дистанца.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование