Од септември јас лично, како некој кој плаќа даноци во оваа држава, очекувам наставата да биде на повисоко ниво од она на кое била во месеците март, април и мај, откако децата не одат на училиште, рече Александра Максимовска, професорка на Правниот факултет, која е дел од
онлајн дебатата организирана од Факултети.мк и Деца.мк.
- Ако нема услови да се одржува во живо, наставата треба да е онлајн. Нам кадар не ни фали, нам ни фали одговорна стратегија и правец по кој ќе тргнеме. Ако треба да се вложи во опрема, треба да се знае тоа и во тоа да се инвестира. Треба за сето ова да се сноси одговорност. Не може наеднаш да станеме Англија каде имаме универзитеи од 13 век – рече проф. д-р Максимовска.
Таа кажа дека освен што самата е професорка, во исто време е и родител, односно, како и многумина, беше и мајка и наставник во домашни услови на ученик во основно образование и затоа ги знае предизвиците од двете страни.
- Мислам дека јавноста е загрижена како МОН ќе се справи со ова од септември, дали ќе има услови за квалитетно образование зашто сега, кога имаме еден заеднички непријател, најважно е здравјето. Мислам дека е паметно да ги следиме искуствата на другите земји со онлајн настава. Некои држави како Италија и Англија се неколку чекори пред нас. Нивните искуства треба да ги примениме. Сето ова не е лесно ниту за родителите ниту за наставниците – рече професорката.
Ана Попризова, училишниот психолог од гимназијата „Орце Николов“, кажа дека ова што се случуваше изминатите три месеци, беше со цел да се задоволат некои минимум стандарди за да се истера наставата.
- Ние како училиште, прашање колку им бевме поддршка на нашите 1.200 ученици кои учат кај нас, зашто во сето ова време немавме директна комуникација со нив. Многу мал дел од наставниците реализираа класни часови, немаа социјална поддршка... – рече психологот.
Таа рече дека фокусот во изминатиот период на учење на далечина, фокусот бил ставен на знаењата и на нивно усвојување, а многу малку на она што е подеднакво значајна компонента, а тоа е воспитниот дел и психосоцијалната поддршка за учениците.
А.П