X
 28.11.2019 Технологија

Компјутер водеше дебата сам со себе

Во британскиот универзитет „Кембриџ“, дом на најстариот дебатен клуб на светот, минатата недела имаше демонстрација на она што може да го донесе иднината - компјутер на американската компанија „Интернационална корпорација за деловни машини“ (ИБМ), односно робот кој веќе расправаше со луѓе, првпат водеше дебата сам против себе.

Сите присутни во салата замолчеа за време на расправата во друштвото „Кембриџ јунион“ додека „двете страни“ на вештачката интелигенција изнесуваа внимателно составени воведни зборови.

Темата: Дали вештачката интелигенција би можела да донесе повеќе штета отколку корист?

Компјутерот со вештачки, малку женски глас, истакна дека вештачката интелигенција нема да може да донесе морално исправна одлука бидејќи моралот е својствен само за луѓето.

- Компјутерот не може лесно да носи морални одлуки, а може да доведе до катастрофа. Вештачката интелигенција може да нанесе многу штета - продолжи компјутерот.

Тој додаде дека вештачката интелигенција може да носи само одлуки за кои е програмирана, а не е можно да се програмира за сите сценарија, тоа го можат само луѓето.

Потоа машината ја промени страната и изнесе противаргументи.

- Вештачката интелигенција ќе биде голема предност бидејќи на луѓето ќе им го ослободи времето што сега го трошат на секојдневните задачи кои се повторуваат - истакна компјутерот со друг глас.

Членовите на Дебатниот клуб, кој во текот на своето 200-годишно постоење угостил видни личности, меѓу кои и британскиот премиер Винстон Черчил, далај-лама и Бил Гејтс, беа маѓепсани од првиот гостин што не е човек.

ИБМ минатата година првпат ја покрена технологијата против предизвикувач-човек за да утврди како вештачката интелигенција се бори со спротивставени аргументи и успешно прикажа напредок на техниката.

За разлика од претходната расправа, која се засновала на анализа на огромен број статии од весници и списанија, истражувачите овој пат побарале и добиле прилози од 1.100 студенти на „Кембриџ“ и со тоа го „нахраниле“ компјутерот.

Според научниот водач на проектот, Ноам Слоним, тие сакале да знаат дали технологијата може да се употреби за да се направи убедлив наратив кој на одлучувачот ќе му помогне подобро да расуди.

Системот морал да идентификува и да одлучи на чија страна е секој од мноштвото прилози од студенти, да ги рангира најдобрите аргументи, да ги поправи правописните и граматичките грешки, а потоа врз основа на сето тоа да состави и да изнесе убедлива 5-минутна изјава. Од ИБМ истакнаа дека на нивниот компјутер за целиот тој процес му била потребна само една минута.

Потенцијалните примени на тие технологии вклучуваат помош за некоја компанија или влада да ги обработи анкетите или да анализира повратни информации добиени од клиенти.

Сепак, вечерта со еден компјутер во улога на две страни не поминала без луѓе. Компјутерот го заврши излагањето истакнувајќи: „Да преминеме на проблем близок до моето вештачко срце: технологијата. Тоа ја насмеа публиката. Тогаш луѓето-дебатери ја презедоа сцената, резимираа и ја заклучија расправата, шегувајќи се со компјутерот кој го нарекоа Сезнајко.

На крајот членовите на клубот со гласање застанаа зад дебатната страна која рече дека вештачката интелигенција носи повеќе корист отколку штета.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија