X
 08.02.2015 Образование

Новото лице на корпоративното образование: онлајн учење

Учењето онлајн, кое стекнува популарност уште од 1999 година, се соочува со огромен пораст во 2014. Почнувајќи од минатата декада, образовниот сектор се помина низ големи промени во начинот на учење, и корпорациите денес ја доближуваат оваа технологија кон своите вработени, со цел да го инкорпорираат овој метод во нивното секојдневие.


Е-учење: вовед

Кратка и едноставна дефиниција на е- учењето е употреба на електронски медиуми во образованието. Тоа е широка категорија која вклучува напредно технолошко учење, учење базирано на компјутерски инструкции, учење базирано на интернет, онлајн образование и слично. Е-учењето подразбира користење на различни медиуми за пренос на текст, аудио или видео материјал. Програмите на е-учење се случуваат надвор од училиштата, дома, во канцеларија, или директно преку компјутер без оглед на кое место се наоѓате. Е-учењето може да се подели на три групи: текстуално, интерактивно, и симулативно.

Е-учењето има широка употреба во образовниот систем и во денешно време компаниите го користат овој концепт за спроведување на тренинг и разни обуки. Тие ги користат овие програми во сите прилики, и го воспоставуваат корпоративно е-учење во програмите за обука.

Подолу во тектот, ќе ги објаснуваме корисните аспекти од онлајн учењето и начинот на кој корпорациите го користат за да ги обучуваат своите вработени.

Корпоративно е-учење

Корпоративното е-учење им овозможува на работниците да учат и да бидат попродуктивни во задачите кои ги извршуваат. Корпоративните тренинзи не се новост во менџментот на човечки ресурси. Она што е ново е обемната употреба на е-учењето во корпоративната структура на тренинзи и обуки. Улогата на тренингот во корпорациите е да осигури дека еден вработен го има соодветното знаење потребно за работа во организацијата и да биде продуктивен во улогата која ја има.

На што се должи популарноста на е-учењето?

Е-учењето го привлекува вниманието поради менувањето на трендовите и сценаријата во образовниот и технолошкиот сектор. Технологијата денеска има решение за речиси секој проблем со кој што човек може да се соочи. Исто така еволуцијата на економијата, каде што секој ден се случува нешто ново, предизвикува четиригодишното образование на факултетите за економија да не е доволно за да ги исполни и пресретне условите во променливото окружување. Затоа, програмите за постојано учење се неизоставен дел од функционирањето на секоја организација.

Неколку причини зошто учењето е популарно:

• Пораст на комплексноста и брзината на работното окружување кое се должи на технолошките промени;

• Недостаток на висококвалификувана работна сила исто така ја зголемува потребата од учење;

• Силна конкуренција во повеќето индустрии;

• Глобализација на бизнис активностите кои со себе носат разни предизвици;

• Воведување на флексибилност на работното место.

Овие причини се клучните точки зошто организациите го присвојуваат процесот на учење. Уште една причина која придонесува за популарноста на е-учењето е интернетот.

Интернет и е-учење

Појавата на онлајн учењето не се должи само на социјалните и економски промени, туку и на тоа што е лесно достапно од секој дел на светот. Рапидниот пораст на бројот на луѓе кои користат интернет ги прави програмите за е-учење поедноставни, корисни и пристапни. Во последната декада бројот на корисници на интернет достигнал 2,9 милијарди во март 2014 година, во споредба со 16 милиони во 1995 година.

Овој пораст на бројките укажува на тоа дека технолоигијата се движи многу брзо и соодветно на тоа, организациите мора да посветат внимание на нивните програми за тренирање и да го интегрираат процесот на е-учење.

Корист од корпоративните тренинг сесии базирани на е-учењето

Менаџерите на човечки ресурси имаат корист од овој тип на учење во времињата на бавен економски раст, каде немаат доволно персонал и ресурси за да спроведат тренинг.

Е-учењето се покажало како доста успешно во обука на вработените. Доколку се применува ефикасно, корпоративното е-учење може да придонесе на многу начини за опоравување од економската стагнација. Некои од неговите предност се:

• рентабилност;

• лесен пристап;

• брзи резултати;

• може да помогне во подобрување на продуктивноста и квалитетот на работа на вработените;

• им дава на вработените подобра слика за организацијата;

• го поддржува најважниот ресурс на компанијата - нејзините вработени.

Употреба на е-учењето за подобрување на организациската програма за воведување на новите вработени

Програмата за воведување во организацијата е важна обука за новите вработени кои со голема мотивација се приклучуваат кон организацијата, но поради недостигот на доволно информации за компанијата и бизнисот кој таа го води, нивниот фокус не е правилно насочен. Доколку вработениот може да види каков придонес ќе има во организацијата, неговата самодоверба ќе се зголеми. Компаниите вообичаено ги организираат обуките за запознавање во организацијата со цел да им овозможи на вработените да ја добијат целосната слика за компанијата и да ја разберат својата улога на работното место. Добра програма за вовед може да и помогне на организацијата да ги мотивира своите вработени кои продуктивно ќе работат на исполнување на целите и директно ќе придонесат за раст на бизнисот.

Воведот би требало да биде процес, а не настан. Предизвикот е во фактот што креирање на конзистентен програм, кој ќе им одговара на сите почетници, може да биде тешко. Оттука, е-учењето нуди начин за надминување на тие предизвици и креирање на добар воведен програм. Следните 5 чекори можат да ви помогнат да креирате одличен воведен програм:

Чекор 1: Создадете онлајн програм за вовед во работата и направете правилна временска рамка. Онлајн курсевите не мора да чекаат за сите ново-вработени да бидат слободни. Овој курс може да биде достапен за секого, секаде, и во секое време. Курсот може да биде завршен во тој период во кој му одговара на вработениот.

Чекор 2: Создадете онлајн временска линија за новиот почетник, така што на менаџерот и на вработениот ќе им биде лесно да го следат процесот на учење.

Чекор 3: Направете ја програмата на е-учење флексибилен, така што вработените од било која возраст и со било какво потекло и искуство ќе можат лесно да се приспособат на програмата.

Чекор 4: Дизајнирајте ја програмата на таков начин што ќе има детални и интересни работи за организацијата и ќе го мотивира и предизвикува вработениот да дознае повеќе.

Чекор 5: Направете ја програмата отворена и достапена, така што корисникот ќе може да се врати на курсот секогаш кога ќе има потреба да се потсети на нешто, или да разјасни нешто што не успеал да го сфати од првпат.

Заклучок: Во ова време на напредна технологија, важно е секој ден да се учи. Од тука, не е доволно да се потпираме само на вообичаените предавања во училница. Ова е особено важно за глобални организации, со оглед на тоа дека тренинзите и обуките кои им се потребни можат да повлечат високи трошоци и се често неизводливи. Затоа, се бележи пораст на примената на програмите за е-учење, кои се рентабилни, флексибилни и лесно пристапни.

Online cultus

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование