X
 17.04.2024 Наша тема

„Секој студент е побогат од мене, младоста е најголемото богатство“, вели Стевчо Јакимовски, кандидат за претседател

Сонував да бидам пилот и тоа на борбен авион, а не на цивилен. Со воодушевување ги гледав југословенските „миг 19“ кога надлетуваа над Скопје и копнеев еден ден и јас да можам да се кренам во височините и да ги правам сите акробатики што ги прави еден пилот, се потсетува Стевчо Јакимовски

Стевчо Јакимовски дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1987 година. Бил волонтер, новинар во спортската редакција на Радио Скопје, а потоа во информативно-политичката редакција на втората програма на Радио Скопје. Работел како стручно-политички работник во Претседателството на Сојузот на социјалистичката младина на Југославија. Јакимовски бил поранешен репрезентативец на Македонија во карате, петкратен републички првак, два пати апсолутен шампион на Македонија и два пати освојувач на бронзен медал во СФР Југославија.

Јакимовски е кандидат за претседател на партијата ГРОМ. Во пресрет на претседателките избори како потенцијален кандидат за претседател, ни сподели за неговите студентски денови и тогашни амбиции.



Како дете, што сакавте да бидете кога ќе пораснете?


Сонував да бидам пилот и тоа на борбен авион, а не на цивилен. Со воодушевување ги гледав југословенските „миг 19“ кога надлетуваа над Скопје и копнеев еден ден и јас да можам да се кренам во височините и да ги правам сите акробатики што ги прави еден пилот. Во шеесеттите години беше многу популарен Јуриј Гагарин, првиот човек во вселената и до денес ја паметам песничката:

Голема желба јас имам
космонаут да бидам
Како Гагарин и Валентина
далечни простори да видам...

Светско чудо беше кога полета „Аполо 11“ и кога слета на Месечината, а и првиот човек кој стапна на Месечина - Нил Армстронг со неговите зборови: „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“. Армстронг и Олдрин чекореа по Месечината, а Колинс остана во космичкиот брод во орбитата. „Аполо 11“ лично сум го видел во музејот во Вашингтон. Инаку, татко ми многу сакаше да бидам офицер и ако одев во воена академија, сигурно ќе служев во родот авијација.



Кои предмети и професори Ви оставија најголем впечаток во основно и средно образование?

Во основно училиште најдлабоки траги ми остави мојата учителка Косара Дуковска, а од предметните наставници наставникот Душко Цветковски, кој беше професор по биологија. Беше строг, но многу коректен и сите го почитувавме, како и моите двајца класни раководители Неделко Неделковски, кој ме поддржа во оваа претседателска трка, и Катица Ивановска, која за жал е почината.

Како одлучивте на кој факултет да се запишете?


Откако не отидов на воена академија, имав двајца комшии постари од мене кои учеа во средното економско училиште во Ѓорче Петров. Јас одлучив таму да се запишам и не згрешив. Бев одличен ученик, а како матурант, одлучував меѓу право и економија и одлучив да се запишан на Економскиот факултет и никогаш не сум се покајал. Впрочем, за ниту еден мој животен потег не сум се покајал. Тоа е вистинско задоволство, кога ќе го вратиш животот назад и кога ќе си речеш дека повторно би ги донел истите одлуки.



Каде живеевте додека студиравте, како го поминувавте слободно време, дали можете да ни кажете некоја анегдота од студентскиот живот?


Живеев со моите родители во Ѓорче Петров, кои и денеска живеат таму. Времето што го имав на располагање го користев или за учење или за работа преку студентска задруга за да заработам некој денар и да одам во Трст за да си купам облека, за редовно одење на тренинзи бидејќи тренирав карате и бев многу успешен во овој спорт и секако за излегување. Анегдота ми е првиот положен испит, а тоа е стопанска математика. На објавениот список се барав меѓу тие со седмица и шестка. Воопшто не погледнував во горниот дел од списокот кај осумките, деветките и десетките. Си заминав разочаран иако знаев дека најголемиот дел од задачите ги решив, но се помирив со судбината. Утредента ми се јави еден другар и ми честита за положениот испит по математика, нормално јас бев изненаден, а тој ми соопшти дека сум положил со деветка. На мојата радост ѝ немаше крај.

Кои предмети најмногу Ви создадоа мака, како се спремавте за испити?

Најмногу мака ми создаде предметот политичка економија. Го положив од трет пат. Имав сериозен проблем и со математика 2 (виша математика) бидејќи ние во средно економско не сме учеле виша математика. Кога одев на предавање, јас само знаев да ги пишувам броевите и дека плус по минус дава минус, а плус по плус дава плус. Тек и график на функција, симплекс методи, лимеси, интеграли, диференцијали за мене беше шпанско село. Но откажување нема. Изгубив година, ама на крај положив со осумка.



Што треба да се промени во образовниот систем и што да се направи за да се подобри студентскиот стандард?

Да биде дуално. Да се создаваат кадри кои му требаат на стопанството и општеството. Образовниот систем мора да создава натпревар и да ги исфрла на површина најдобрите. Мора да го усовршиме системот на проверка на знаењето и да престанеме со енормно креирање дипломи. Студентскиот стандард е наша вечна болка, секогаш ги запоставуваме. Толку ли е тешко да се изградат неколку студентски центри кои ќе дадат висок студентски стандард и ќе пропаднеме ли како држава ако создадеме услови за живот за студентите, за учење, за квалитетна практична настава и да им овозможиме соработка со студенти од целиот свет.



Како да се спречи одливот на мозоци од нашата земја?


Секој студент е побогат од мене. Богатството не се мери во материјално стекнат имот и во пари, туку во младоста. Младоста е најголемото богатство. На нивни години и јас сум бил студент и сум растоварал шлепери, сум разнесувал весници, сум работел по фабрики за да соберам некој денар да купам гардероба, да ставам бензин во „фиќото“ и да излезам со девојката. Но, бев многу упорен и секогаш сум имал цел, а трудот се исплател зошто никогаш не сум барал виновник во некој друг, туку тоа што не ми одела математиката сум гледал да го надоместам со помош од оние што ја знаат и со јасна цел дека јас морам да бидам дипломиран економист. Факултетот не дава ништо, па дури не дава ни многу знаење, ама отвора хоризонти. Почитувани студенти, кој би бил јас да не го завршев Економскиот факултет во Скопје?
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема