X
 09.08.2018 Култура

Фановите го предвидоа крајот на „Игра на троновите“?

Се чини дека последната сезона од мегапопуларната „Игра на троновите“ ќе доживее премиера во првата половина од наредната година. Но додека чекаат, фановите го искористија времето најдобро што можат - создадоа голем број теории и предвидувања за тоа што ќе се случи во финалето и кој ќе седне на железниот престол. За работите да бидат уште полуди, Џорџ Р. Р. Мартин, писателот на книгите, вели дека некои фанови во своите теории точно го предвиделе крајот на серијата.

Ова се некои теории што фановите ги извлекле од скриените пораки што режисерите (намерно) ги оставале во претходните сезони.

1
Фото: Facebook/Gameofthrones


Арја е мртва, ја победила Ваиф во двобој


Сигурно се сеќавате на жестоката борба помеѓу Арја Старк и Ваиф. Откако одби да ја убие Лејди Крејн по „наредба“ на Богот на многу лица, Арја среде Есос ја избоде Ваиф, една од наследничките на Богот, убиец и десна рака на Жакен Хгар. Лејди Крејни ја спаси, но само на момент. Кога Ваиф ја пронајде Арја, таа ја затвори вратата, ѝ пријде на Арја, а Арја со мечот ја изгасна свеќата. Следното што го видовме е како Арја разговара со Жакен, а лицето на мртвата Ваиф се наоѓа на ѕидот. Потоа најмладата сестра Старк се упати од Бравос кон Вестерос, во своето родно Винтерфел.

Но некои фанови велат дека со оглед на повредите на Арја и нејзината неможност да ја победи Ваиф во борба, всушност Арја е таа што умрела. Сега Ваиф го зела лицето на Арја и се одмаздува затоа што Арја го изневери Бог.

Тирион ќе ја издаде Денерис

Во седмата сезона, по состанокот во Кингс Лендинг, Тирион отиде да разговара со Серсеј за да ја убеди да испрати војска на север за заедно да се борат против заедничкиот непријател - Белите Шетачи. На екранот е прикажан помал дел од разговорот, после што Серсеј и Тирион се враќаат на местото на состанокот, најавувајќи договор за тоа дека таа сепак ќе испрати војска.

Некои фанови велат дека Тирион, без оглед на сѐ, се одлучи да биде на страната на Серсеј во оваа битка, така што тој заедно со неа испланирал како да ја уништат Денерис. Иако ова не личи на Тирион, оваа серија повеќе пати ја докажа својата непредвидливост.

Брен Старк е Ноќниот крал

Оваа теорија се базира на тоа дека младиот Брен Старк е всушност Ноќниот крал. Теоријата е доста комплицирана и не е лесно да се раскаже во неколку реченици, но еден нејзин дел се базира на тоа дека Брен постојано патува низ времето и го „презема“ телото на различни суштества за да ги запре Белите Шетачи во сегашноста. Така, на пример, еден од обидите е лудилото на Лудиот крал, кој низ серијата можевме да го видиме во визиите на Брен како вика „Запали ги сите“. Претпоставката е дека Брен влегол во неговата глава и се обидел да објасни дека треба да се запалат сите Бели Шетачи, но со тоа кралот бил доведен до лудило, па почнал да пали луѓе.

Уште една, клучна ситуација е обидот на Брен да влезе во главата на првиот Бел Шетач, односно Ноќниот крал пред да го создадат Децата на шумата, забивајќи му стакло од змеј во срцето. Но како што бил предупредуван Брен низ серијата, ако премногу се задржи во телото на некое суштество, засекогаш ќе остане таму. Претпоставката е дека тоа се случило со Ноќниот крал, така што Брен сега е засекогаш заробен во неговото тело. Тоа можеби и го објаснува фактот што Ноќниот крал, по убивањето на змејот Висерон, му дозволил на Џон да побегне.

Белите Шетачи се добри

Уште една од бизарните теории, спротивна на популарното мислење за тоа што го пласира серијата, е дека Белите Шетачи се добри. Она што постојано го гледаме е една перспектива - таа на луѓето од Вестерос. Но луѓето од Вестерос постојано одат во војна поради еден трон, а поради тој трон се предизвикани многу жртви и несреќи. Некои фанови сметаат дека Белите Шетачи постојат за да го спречат сето тоа зло и хаосот што лордовите на Седумте кралства постојано ги предизвикуваат.

Џон на еден од змејовите

Бидејќи сега сме 100 отсто сигурни дека Џон Сноу е Егон Таргариен, сите фанови сакаат да го видат на еден од змејовите во последната сезона. Денерис на Дрогон, а Регал останува за Џон.

Џон Сноу е Азор Ахаи

Од одамна постои легендата за страшниот витез Азор Ахаи. Сите пророци навестуваат дека во ерата на темнината тој бил човекот што донел светло. Во него веруваат следбениците на Богот на светлината, како што е Лејди Мелисандра. Таа прво мислела дека Азор Ахаи е Стенис, но видовме како заврши сето тоа, а потоа во еден момент рече дека кога ќе погледне во огнот, всушност гледа снег, што може да значи Џон Сноу. Во секој случај, според легендата, Азор Ахаи се борел против темнината, а пророштвата тврделе дека тој ќе го носи огнот на Богот со запален меч што ќе донесе светло. Но колку и да се ковал мечот, секогаш пукал. На крај, Азор Ахаи ги прободил градите на неговата жена со мечот. Мечот се споил со нејзиното срце и се запалил, а Азор Ахаи ја победил темнината.

Доколку се поврзат Џон Сноу и случувањата во претходната сезона, многу предвидуваат дека тој со својот меч ќе ја прободи саканата Денерис Таргариен и на крај ќе седне на Железниот трон.

Денерис е Азор Ахаи


Оваа теорија всушност ја следи истата приказна погоре, но се базира на идејата дека витезот Азор Ахаи е жена, односно Денерис. Тука се вклопуваат изјавите на Мелисандра во кои вели дека Азор Ахаи нема род, и може да биде жена исто колку што може да биде маж. Во овој случај, Денерис е таа што ќе го забоди мечот во својот сакан Џон Сноу, односно Егон Таргариен.

Денерис ќе роди деца

Иако по првата сезона и трагичното губење на Кал и синот Реаго, на Денерис ѝ било кажано дека никогаш нема да има деца, фановите сметаат дека постои можност. Освен тоа, вештерката ѝ рекла дека секој живот ќе биде за некоја смрт. Бидејќи сега Денерис изгуби едно свое дете, змејот Висерион, и започна да ја исполнува традицијата на внатрешно семејни односи меѓу Таргариен, некои фанови сметаат дека ќе му роди дете на Џон Сноу.

Некои протечени информации велат дека Серсеј ќе го прекрши ветувањето за испраќање војска на север и во моментите на борбата на Џон со змејовите против Ноќниот крал, Денерис се породува во Драгонстоун. Во тој момент ќе ја нападне војската на Серсеј, па Денерис, по породувањето, ќе го замоли Висерис да ја прободи со мечот на Семвел Тарли.

Валонкар

Кога Серсеј била девојче, отишла со пријателка кај вештерка што ја предвидувала иднината. Таа ѝ рекла дека никогаш нема да се омажи за Регар Таргариен, во кој Серсеј била заљубена, туку ќе се омажи за кралот. Така и било. Ѝ рекла дека ќе има три деца, но сите три ќе умрат. Така и се случило. И на крај, ѝ најавила дека после многуте солзи и губење на саканите, „валонкар“ ќе биде тој што ќе ја задави со голи раце.

Валонкар е израз за помлад брат, на старовалириски јазик. Според тоа, фановите сугерираат дека Серсеј во последната сезона ќе биде убиена од Тирион или Џејми, бидејќи и двајцата се помлади од неа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура