X
 29.11.2018 Култура

На сите 18-годишници да им се овозможи бесплатен влез во сите културни институции

Здружението „Рестарт“ од Бања Лука, Босна и Херцеговина, ја покрена иницијативата „Да им ја приближиме културата на младите“, порачувајќи дека вратите на културните институции треба бесплатно да се отворат за младите од 18 до 19 години.

Од здружението предупредуваат дека проблемите на младите во Република Српска се многубројни. Голема стапка на невработеност, голем број млади лица ја напуштаат земјата во потрага по подобар живот, во повеќето случаи недостиг на шанси за напредување, осамостојување и успех итн. Исто така, кога станува збор за младите, од „Рестарт“ велат дека многумина настојуваат да ги претстават младите во многу полошо светло и им даваат квалификации дека се незаинтересирани, мрзливи и дека цело време се во кафулиња пиејќи кафе.

- Меѓутоа, ако се запрашате што им овозможил овој систем на младите, ќе видите дека нема многу. Токму поради тоа, во следниот период ќе започнеме акција за приближување на младите до културните случувања. Имено, станува збор за многу едноставно нешто кое министерството за просвета и култура би требало да го овозможи - истакнуваат од здружението.

Ивана Перишиќ од „Рестарт“ вели дека за овој проект не се потребни пари од јавните средства, а дека тој има многу добри страни. Меѓутоа, единственото нешто што е неопходно е волјата, односно одлуката на владата на Република Српска.

Ивана додава дека е поразителен фактот дека многу млади лица никогаш не посетиле галерија или музеј, многу немале ни можност, а често им било помило џепарлакот да го потрошат на пијалак со пријателите отколку на претстава.

 - Причината за тоа не е што младите се апатични, туку затоа што немаат развиени навики да посетуваат културни установи, а системот не работи на тоа да им ја приближи културата. Постои голема шанса со ова да развиеме афинитети кај младите луѓе за култура и желба да се занимаваат со културно-уметничка работа - вели таа.

Музејот на современа уметност на Република Српска веќе го поддржал проектот, а од „Рестарт“ очекуваат дека ист чекор ќе направат и многу други институции, но и надлежното министерство.

Од здружението предлагаат и начини за реализација: со персонализирани картички, кои би можеле да се пополнат на интернет-страницата на министерството и потоа би се испраќале на домашна адреса на подносителите; или, пак, со апликација на која секое лице со наполнети 18 години би можело да си направи профил и да добие одредена сума пари што би можела да се искористи само во наведените цели. Од здружението нагласуваат и дека апликацијата е поскапата верзија.

Од „Рестарт“ истакнуваат дека во Италија веќе постои ваква практика и сите 18-годишници добиваат ваучери во износ од 500 евра и можат да ги користат на сличен начин. Тој потег наишол на позитивни реакции во Италија и бил олеснување за родителите бидејќи младите им барале помалку пари за излегување.

На крајот, од здружението велат дека постои и целосно бесплатна опција за која е потребна само одлука на владата на Република Српска со која би се пропишало дека е доволно 18-годишниците на влезот во културните установи да ги покажуваат личните карти и со тоа да им биде загарантиран бесплатен влез.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура