X
 28.01.2020 Култура

Џорџ Р. Р. Мартин им дава надеж на фановите на „Игра на троновите“ - подобар крај

Фановите на епската серија „Игра на троновите“ би можеле да го добијат она што го чекаа уште од излегувањето на осмата сезона на оваа серија - нов крај.

Џорџ Р. Р. Мартин, писателот на романите зад серијата, вели дека конечно ја завршува „Песна за оган и мраз“. Неговите две преостанати книги „Ветрови на зимата“ и „Сон за пролетта“ ќе се разликуваат од серијата на Ејч-би-о што заврши во мај 2019 година.

- Луѓето го знаат крајот на серијата, но не го знаат крајот на делото - изјави Мартин за едно германско интервју.

По четвртата сезона на „Игра на троновите“, креаторите Дејвид Бениоф и Ден Вајс повеќе го немале оригиналниот извор на Мартин според кој би можеле да работат. Така, тие двајца создадоа свои наративи за главните ликови и добија млаки реакции од читателите на книгите и од гледачите.

Мартин изјави дека не очекува адаптацијата на Ејч-би-о да го надмине.

мартин

По последната сезона еден милион фанови потпишаа петиција барајќи од Ејч-би-о да ја преснимаат сезоната. Но, доколку мислите дека Мартин ќе го уништи крајот на серијата и ќе замине во друга насока, ќе се разочарате. Иако Мартин изјави дека осмата сезона не е верна на книгите, другите вклучени креативци сметаат поинаку. Иска Хемстејт-Рајт, актерот кој го глумеше Брен Старк, во едно интервју зборуваше за долгогодишната соработка помеѓу Мартин и Дејвид Бениоф и Ден Вајс.

- Дејвид и Ден ми кажаа две работи што Џорџ Мартин ги имал испланирано за Брен - откритието за Ходор, како и тоа дека тој ќе биде кралот - изјави актерот.

На прашањето дали серијата „Игра на троновите“ има шанса да се претвори во филм, Мартин рече: - Во овој момент јас не сум тој што треба да одлучи, бидејќи Ејч-би-о ги контролира филмските права за „Игра на троновите“. Дејвид и Ден, двајцата креатори што стојат зад серијата, всушност, сакаа по седмата сезона сагата да заврши со три големи филма.

Писателот тврдеше дека „Игра на троновите“ требаше да заврши во кината.

- Пред четири или пет години тоа беше сериозен предлог - изјави тој.

На крај, Ејч-би-о се откажа од идејата.

- Продуцентите рекоа: „Ние создаваме ТВ-серии, не сме дел од киноиндустријата“ - рече Мартин.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура