X
 09.08.2020 Живот

Македонец сведочи за стравотната експлозија во Бејрут, какво образование имаат новите пратеници... Ова се темите што ги истражувавме неделава

Што се по професија новите 120 пратеници во македонското Собрание, како Душко Ристовски ја доживеа разорната експлозија, оддалечен само 2 километра од пристаништето во Бејрут, зошто учениците треба да тргнат на редовна настава според епидемиологот д-р Харис Бабачиќ, што нудат во своите студиски програми Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“? Ова се дел од темите за кои пишувавме неделава.


Крушево во 1903 година / Фото: Wikimedia Commons

За празникот Илинден објавивме текст „Каде студирале медицина докторите што ги лекувале ранетите илинденци“. Кој се грижел за ранетите востаници и за болните во времето на Крушевската Република? Имало ли образовани лекари, како бил организиран тогашниот здравствен систем?


Елизабета Секирарска

Колумнистката Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште, пишуваше на тема: „Родителството во лавиринтите на искривоколчени вредности, на деформирани визири, на тешко прифатлив апсурди“. За тоа како е да се биде родител. Да се биде носител на најодговорната истовремено и привилегија и обврска, во овие мачни времиња на искривоколчени вредности, на деформирани визири, на тешко прифатливи и објасниви апсурди кои како животен амбиент се баласт и за нас возрасните.


Проф. д-р Елена Думова-Јованоска

Владите се менуваат, проблемите во високото образование остануваат! Кои се петте најважни задачи на новиот министер, образложува проф. д-р Елена Думова-Јованоска од Градежниот факултет на УКИМ, која беше и проректор за настава (2008-2012). Ова се нејзините размислувања.


Фото: Собрание

Најмногу правници, економисти и лекари, еден генерал во пензија и еден студент - во новиот парламент. Собранието ги отвори вратите за десеттиот парламентарен состав од осамостојувањето на земјата. Во собраниските фотелји седнаа 77 пратеници и 43 пратенички, а нивната просечна возраст е 45 години. Какво образование има новиот парламентарен состав?



Жестоки реакции поради поскапувањето: За колку ќе бидат повисоки новите сметки за струја? Кој најмногу ќе го почувствува и што всушност значи повисоката цена за струја за 7,4 отсто што минатата недела ја одобри Регулаторната комисија за енергетика - РКЕ, т.е. како поскапувањето ќе биде пресметано во крајната сума што месечно се плаќа почнувајќи од септември? Поради поскапувањето има и барања да се намали данокот на додадена вредност - ДДВ, со што практично и би се намалиле месечните сметки.


Душко Ристовски

Голем страв за себе и за своето семејство проследен со инстинкт за преживување почувствувал Душко Ристовски, еден од веројатно двајцата Македонци што живеат во Бејрут, Либан, во првите моменти од експлозијата на пристаништето која пред два дена го потресе целиот свет, а во која загинаа најмалку 154 луѓе и повеќе од 5.000 се повредени. Како се одвивала целата драма, Душко емотивно раскажа за Факултети.мк. Тој живее на само два километра од местото каде што се случила експлозијата.


Д-р Харис Бабачиќ

Кај децата многу ретко се јавува тешка клиничка слика при SARS-CoV-2 инфекција, а ризикот од смртен исход од болеста Ковид-19 кај нив практично речиси не постои. Затоа, сметам дека учениците треба да се вратат на училиште и да имаат целосни, нескратени часови, вели д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач. Целиот текст прочитајте го тука.


Проф. д-р Димитар Ташковски

Какви услови за студирање им нуди Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) на своите студенти. Има многу причини зошто матурантите треба да го одберат ФЕИТ за да го продолжат своето образование, а една од нив е што нема сомнение дека развојот на општеството сѐ повеќе се базира на знаење и иновации, вели во интервјуто деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски.

Проф. д-р Ордан Чукалиев

Проф. д-р Ордан Чукалиев, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, вели дека е горд што е земјоделски инженер, но останало нешто во државата што и денес му пречи - перцепцијата за земјоделството, дека младиот човек ќе биде ценет само ако студира некој друг факултет, подалеку од земја... Кому му треба, ќе копаш ли по туѓите ниви, за аргат ли ќе учиш? Инспиративниот текст прочитајте го тука.


Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска

Македонскиот јазик го изучуваат дури 110 студенти на Истанбулскиот универзитет! Како се приспособија лекторатите по македонски јазик на онлајн-наставата? Каков е интересот за изучување на македонскиот јазик во светот? Разговаравме со проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот