Точно е дека нѐ шуткаат нас, студентите, не сме им приоритет, но затоа сме тука, да им досадуваме. Некогаш тоа успева, некогаш не, вели Ева Цветковска
Денеска се одбележува Меѓународниот ден на студентите. Меѓународниот ден се одбележува како симбол на борбата за демократско образование и сеќавање на 17 ноември 1939 година, кога нацистите убиле 20 чехословачки студенти што протестирале против окупацијата.
Околу 1.200 студенти тогаш биле одведени во концентрациони логори, при што биле стрелани 9 професори и студенти, а студентските домови и универзитетите биле претворени во касарни.
Каде е денес местото на студентите во општеството? Дали тие доволно гласно се борат за своите права? Дали и во услови на пандемија успеваат да се изборат за она што им е потребно? За овие прашања поразговаравме со Ева Цветковска, претседателката на Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ, како и со проф. д-р Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Нѐ послушаа за студентите деца на еднородителски семејства
Дали институциите им излегуваат во пресрет на барањата на студентите? Зависи од институција до институција, тешко е да се генерализира, вели Цветковска.
- Од некои институции имаме многу разбирање. Со деканите на факултетите при УКИМ имаме супер соработка. Има некои прашања за кои немаме одговор, односно не се решаваат преку ноќ, за нив треба повеќе време. Но сето тоа е во ред. На пример, откако побаравме да се врати плаќањето половина школарина за децата од еднородителски семејства, надлежните веднаш го прифатија тоа барање, се изгласа не ректорска управа без никаков приговор - вели претседателката на УСС.
Сепак, таа додава дека има простор за поголем напредок зашто има уште доста прашања што се отворени, а не се разрешени.
- Дуалитет има во реакцијата, на пример, за барањето за отворање на читалниците, надлежните веднаш го прифатија тоа за студентските домови, но од друга страна, со библиотеката „Браќа Миладиновци“, за истото барање, процесот трае подолго - потенцира Ева.
Ева Цветковска
Прифатена идејата за субвенциониран студентски оброк
Цветковска вели дека Универзитетското студентско собрание е член на телото Млади и МОН, кое всушност е платформа за поднесување барања.
- Колку и да има критики за начинот на реализација на проектот субвенциониран студентски оброк, сепак, барањето е прифатено. Имаше проблеми од административната страна. Беа вмешани УЈП, Агенцијата за вработување, МОН, па се случуваат некои проблеми при реализацијата. Свесни сме дека живееме со закржлавена администрација, но наша беше иницијативата да се воведе студентскиот оброк и тие ја прифатија, што е во ред. Значи, имаат слух за студентите - додава Цветковска.
Во однос на стипендиите, гледајќи на позитивната страна, таа вели дека секоја наредна власт не би се осмелила да ги врати назад стипендиите, односно да ги намали.
- Сега месечната стипендија изнесува 6.050 денари. Точно е дека нѐ шуткаат нас, студентите, не сме им приоритет, но затоа сме тука - да досадуваме. Некогаш тоа успева, некогаш не - децидна е Цветковска.
Односот со студентите е фер и колегијален
Проф. д-р Димитар Ташковски вели дека на Факултетот за електротехника и информациски технологии има одлична соработка меѓу студентите и вработените. Таму студираат околу 1.300 студенти.
Проф. д-р Димитар Ташковски
- Кај нас има колегијален однос, имаме одлична соработка. Студентите си ги имаат своите права, имаме заемно разбирање, а исто така и учествуваат во управувањето на факултетот. Функционираме добро во однос на студиите, односно испитните сесии, тие дефинираат термини и рокови. Учествуваат и во подготвувањето на студиските програми. Имаат поддршка и за воннаставни активности во однос на спорт и култура - вели проф. д-р Ташковски.