09.10.2018
Технологија
„Фејсбук“ и ХТТПООЛ ќе ги поддржуваат локалните бизниси во балканскиот регион
„Фејсбук“ и ХТТПООЛ со задоволство го најавуваат стратешкото партнерство во балканскиот регион. ХТТПООЛ стана официјален партнер за препродажба на „Фејсбук“ на Балканот, вклучувајќи ги Бугарија, Хрватска, Србија и Словенија. „Фејсбук“ ја препознава можноста ова долгорочно партнерство да им користи на локалните агенции и огласувачи, за тие да допрат до поголема публика и да остварат значајна комуникација со корисниците, со што ќе се подобри потенцијалот на локалните бизниси.
ХТТПООЛ, како официјален партнер за продажба на огласи на „Фејсбук“, ќе обезбеди поддршка, знаење и стручни информации за локалните бизниси и ќе им помогне со маркетинг-стратегиите преку „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Фејсбук Месинџер“ и „Вацап“. Целта на соработката е да се обезбеди директна поддршка за огласувачите во дадена земја на Балканот, преку партнер со силна позиција, стручност и докажано искуство во регионот.
Нашата програма за препродавачи ја дизајниравме така што ќе ги доближиме сите наши знаења и стручност до огласувачите во балканските земји, каде што „Фејсбук“ нема физичко присуство. Денес со задоволство најавуваме дека одиме чекор понатаму и додаваме уште поголема вредност на бизнисите во регионот - изјави Роберт Беднарски, директор за Централна и Источна Европа на „Фејсбук“.
Ова партнерство е уште еден доказ за водечката позиција и успешното работење на ХТТПООЛ во регионот. Задоволство ни е што ќе му помогнеме на „Фејсбук“ во воведувањето најнови рекламни решенија во регионот и на различни брендови и агенции ќе им обезбедиме директна поддршка на највисоко извршно ниво - вели Аљоша Јенко, основач и извршен директор на ХТТПООЛ.
Со ова партнерство ќе се воведат најдобрите практики на „Фејсбук“, како и обука, техники за развој на стратегија и можност за локално плаќање во регионот, со помош на експертските процеси за огласување на ХТТПООЛ. Дополнителни предности за агенциите ќе бидат тимските обуки, директната наплата и директната поддршка за прашања поврзани со огласувачките политики.
Огласувачите во регионот користат „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за да се поврзат со нивната публика на значајни начини. Благодарение на стратешкото партнерство со ХТТПООЛ, ќе обезбедиме поголема поддршка со посебно дизајнирани обуки и поддршка од експерти - нагласува Рустам Зиганшин, партнер за препродажба за ЦИЕ регионот во „Фејсбук“.