X
 09.10.2018 Живот

Вака изгледа новата зграда во која ќе престојуваат најопасните луѓе во Хрватска

Вкупно 70 пациенти ќе носат нараквици со вграден ГПС. Ако се обидат да побегнат, безбедносниот систем ќе алармира. Сите простории во зградата се под видеонадзор, а стаклата на прозорците се непробојни. Во зградата можат да влезат само лица што имаат чип-картичка.

Тие се извршители на најтешките казнени дела - убиства, силувања, нанесувања тешки телесни повреди, а прогласени се за непресметливи во моментот на извршување на злосторството. Од први јануари идната година тие ќе бидат сместени во новата зграда на Заводот за форензичка психијатрија сместен од западната странa на Клиниката за психијатрија „Врапче“ во Загреб. Станува збор за нова зграда, која ќе биде отворена на 15 ноември.

Првите форензички пациенти во болницата „Врапче“ се бележат од 1882 година, три години по отворањето. За разлика од сегашниот завод, чии простории се неадекватни, новиот завод е уреден по највисоки светски стандарди. Ќе има четири оддели - за акутно лекување, за интензивно лекување, за лекување и рехабилитација и дневна болница. Површината на зградата е 4.700 квадратни метри и таму ќе бидат сместени 70 пациенти. Собите се еднокреветни и двокреветни. Дел од опремата, душеците и креветите веќе се пристигнати во заводот и сега треба да се разместат. Пациентите ќе бидат сместени на приземјето и на првиот кат.

Фото: Jutarnji

Собите на пациентите имаат меѓу 10 и 20 квадрати. Сите имаат класична влезна врата, освен оние на одделот за акутно лекување. Тоа е оддел каде што пациентите се сместуваат веднаш по доаѓањето во заводот и таму се месец или два, додека лекарите не ги запознаат. Влезните врати на собите во тој оддел имаат прозорчиња за да можат вработените во секој момент да видат што се случува во собата, а да не мора да влегуваат. И на приземјето и на катот има видеоцентри од кои во секој момент ќе се следат сите случувања во зградата.

Безбедноста ќе биде загарантирана, но нема да има професионални обезбедувачи бидејќи, како што велат вработените, тие ја расипуваат терапевтската атмосфера.

- Дали ќе го воведеме тоа, не сум сигурен. Јас не сум за тоа бидејќи ако добро ги лекуваме пациентите, ќе можеме да ги држиме под контрола, а еден или двајца обезбедувачи тешко ќе решат некоја инцидентна ситуација - истакнува Владо Јукиќ, в.д. управител на Клиниката.

Владо Јукиќ
Фото: Jutarnji

До средината на декември треба да биде завршена и новата зграда на центарот за работно-окупациона и психотерапија. Инвестиција тешка 11 милиони куни. Пациентите сега работната терапија со шиење, сликање и ткаење ја вршат во бараки стари 80 години. Има и продавница во која се продаваат производите што ги изработуваат пациентите. Во кругот на болницата има и кафе-бар каде што работат сегашни и поранешни пациенти и тоа им е еден вид терапија.

Фото: Jutarnji

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот