X
 16.05.2019 Живот

24 години работел во болница, но поради партиските вработувања во родната земја, си заминал во Германија

Хрвоје Премуж бил главен медицински техничар на Одделот за реанимација, анестезиологија и интензивно лекување во болницата „Д-р Јосип Бенчевиќ“ во Славонски Брод, Хрватска. Тој е магистер, но како и многу негови колеги од струката, заминал да работи во Германија.

Во текот на 24-годишното работно искуство 12 години бил на различни раководечки функции, а од 2012 година е и главен техничар. Премуж е соработник и предавач на Факултетот за дентална медицина и здравство во Осиек и на Медицинскиот факултет во Загреб, каде што е докторанд на постдипломски студии по биомедицина и здравство.

- Со години бев помалку платен за мојата работа. Звањето магистер не ми се признаваше, работев како дипломец и така бев платен. Од друга страна, останував бесплатно да работам до доцна навечер само поради сопствена одговорност и професионалност - вели Премуж.

Речиси секогаш работниот ден му почнувал на интензивна нега, потоа работел како анестезиолошки техничар во операциона сала, а потоа вршел административни работи и набавка на материјал, распоред на сестрите, сè додека било потребно. Така, работниот ден некогаш му се продолжувал до полноќ.

Учествувал и во клинички истражувања како асистент. Но, на крајот му дошло премногу, останал речиси без приватен живот и слободно време.

Му пречело и тоа што почетниците можеле да заработат повеќе од него за работа во смени.

По 24 години работно искуство, Премуж на 48-годишна возраст одлучил да ја остави платата од 6.300 куни, односно околу 850 евра, и да се вработи во болница во Хановер, каде што работи од почетокот на годинава. Во Хрватска му пречело вработувањето по политичка линија во болниците, кое во последно време, како што вели тој, го достигнало врвот.

- Политичките вработувања во болниците ги имало отсекогаш, но во последно време е достигнат врвот, кога преку ноќ се менуваат организациските шеми по техничките, правните и сметководствените служби, така што се воведуваат нови пододдели со нови девет наместо тројца раководители, а секој има плата од 10 до 20 илјади куни (1.300 до 2.600 евра). Болниците стануваат оази на администрацијата, а не на лекувањето - објаснува Премуж.

Фото: Novi List

Тој во Хановер веднаш почнал да работи, а нето-платата му е 2.000 евра. По признавањето на дипломата ќе му биде околу 3.000 евра бидејќи станува збор за интензивна нега.

- Убаво се заработува, само ритамот е малку понапорен. Смените се три дена по 12 часа, потоа два до пет слободни дена, па потоа смена од четири дена. И во Германија медицинските лица не би требало да работат повеќе од 40 часа неделно, но работат и по 60 - вели техничарот.

Додава и дека во Германија има огромна потреба од медицински сестри.

- Германија за час може да ги „проголта“ сите медицински сестри од Балканот, а не пак 30.000 од Хрватска - заклучува Премуж.

Вели дека месечно му остануваат повеќе од илјада евра откако ќе плати кирија и трошоци за кредит во Хрватска, па вели дека може и да го исплати кредитот во родната земја и убаво да заштеди со само почетничка плата во интензивна нега.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот