Сатурн го тргна од тронот Јупитер како планета од Сончевиот Систем со најмногу месечини, објави научниот институт „Карнеги“. Научниците откриле 20 претходно непознати месечини што орбитираат околу Сатурн, со што оваа планета има вкупно 82 месечини, додека Јупитер има 79.
Откритието отвора многу можности за разбирање како Сатурн и неговите месечини станале она што се денес.
- Користејќи некои од најголемите телескопи во светот, сега го завршуваме пописот на мали месечини околу џиновските планети. Тие играат клучна улога во помагањето да утврдиме како планетите од нашиот Сончев Систем се формирале и еволуирале - истакна Скот Шепард, астроном од „Карнеги“, кој го предводел истражувачкиот тим.
Секоја од новооткриените месечини има дијаметар од околу 5 километри и 17 од нив орбитираат ретроградно или спротивно од насоката на ротацијата на Сатурн. Едната од нив е сега најоддалечената позната месечина од Сатурн.
Откритијата се приклучуваат кон трите групи надворешни месечини на Сатурн, групирани според аглите под кои орбитираат околу планетата. Ретроградните месечини се приклучуваат кон нордиската група (сите именувани по нордиската митологија), додека две други се приклучуваат кон ескимската група (именувана по ескимската митологија) и последната месечина оди со галската група (повторно именувана по митологија).
Научниците мислат дека секоја од овие групи можеби доаѓа од поголема месечина која се распарчила на помали делови.
- Вакво групирање на надворешни месечини исто така може да се види околу Јупитер, посочувајќи на тоа дека имало насилни судири меѓу месечините во системот на Сатурн или со надворешни објекти како астероиди или комети кои поминувале - истакна Шепард.
Сепак, новата галска месечина орбитира многу подалеку од содружниците, сугестирајќи дека нешто ја повлекло нанадвор или дека не дошла од истиот судир како и другите месечини.
Дополнително проучување може да ни помогне да утврдиме каков вид судири ги создале групите кои можеме да ги видиме денес и какви биле условите околу Сатурн во тоа време.
Фото: Science Alert
По минатогодишното откривање на други месечини што орбитираат околу Јупитер, Шепард и „Карнеги“ одржаа онлајн-натпревар за да ги именуваат. Истото се случува и со новата група месечини.
- Многу бев воодушевен од ангажираноста на јавноста околу именувањето на месечините на Јупитер, па решивме да го повториме тоа со овие новооткриени месечини на Сатурн. Овој пат месечините мора да се именуваат по џинови од нордиската, галската или ескимската митологија.
За да го дадете вашиот предлог, твитнете им на @SaturnLunacy со хаштагот #NameSaturnsMoons.