Веќе неколку децении авионот се смета за најсигурен превоз, но во последниве години е забележано зголемување на авионските несреќи. Додека сè уште е најбезбедно да се лета со големите авиокомпании, постојат и такви чија безбедност се движи од просечна до ужасна.
На многу од нив им е забрането да летаат во САД и во Европската Унија, па мала е веројатноста да имате можност да ги користите нивните услуги.
Веб-страницата „AirlineRatings.com“ ја објави својата листа со најопасни авиокомпании во светот врз основа на систем за оценување со седум ѕвездички. Факторите како смртните случаи во последната деценија, црната листа на која се наоѓаат и сертификатите за безбедносни проверки од Меѓународното здружение за авиосообраќај биле одлучувачки во оцената на безбедноста на авиокомпаниите.
Ниедна авиокомпанија од оваа листа не добила повеќе од две од можни седум ѕвезди.
„Тара ер“
Оваа авиокомпанија од Непал добила само една ѕвездичка. Таа има осум авиони кои во текот на 2010 и 2011 година имале неколку несреќи со фатален исход.
„Непал ерлајнс“
Во Непал во текот на последните осум години беа забележани девет смртни несреќи. Статистички гледано, летањето во планинското кралство е релативно опасно. „Непал ерлајнс“ лета од 1958 година под името „Ројал Непал ерлајнс“, а неговата безбедносна евиденција има многу дупки. Оценета со само една ѕвезда, на оваа авиокомпанија ѝ е забрането да лета во ЕУ. Иако во последните 20 години дошло до значително подобрување на безбедноста, при несреќа во 2014 година имало18 смртни случаи.
„Аријана Авган ерлајнс“
Како национална авиокомпанија на Авганистан, „Аријана“ има само пет авиони во својата флота и непропорционално зачудувачка евиденција за отпишување на 19 авиони во текот на нејзината историја, вклучувајќи седум фатални несреќи.
„Блувинг ерлајнс“
„Блувинг“ потекнува од малата јужноамериканска држава Суринам. Губитокот на три различни авиони во текот на тригодишниот период резултира со тоа на авиокомпанијата да ѝ биде забранет лет во европскиот воздушен простор.
„Кам ер“
Оваа авиокомпанија се најде во ексклузивното друштво на дното на оваа безбедносна листа. Нејзиното седиште е во Авганистан и има забрана за лет во воздушниот простор на САД. Кога „Кам“ се обидела да лета во ЕУ во 2010 година, ѝ бил забранет влез на таа територија по фаталната несреќа и заканата со бомба.
„Тригана ер сервис“
Со 10 несреќи во кои авионите биле уништени и уште 14 други несреќи не е ни чудо што индонезиската авиокомпанија добила само една ѕвездичка. Како и другите авиокомпании, и оваа авиокомпанија има забрана за лет во воздушниот простор на ЕУ и САД.
„СКАТ ерлајнс“
Оваа авиокомпанија од Казахстан има неимпресивна
безбедносна историја, но не забележала смртна несреќа од 2013 година. Иако СКАТ не работи со меѓународно признат безбедносен сертификат, авиокомпанијата напредува да биде меѓународно призната.