Северна Македонија е рангирана на 82. место од 140 држави во светот според најновиот извештај за Глобалниот индекс на конкурентноста на Светскиот економски форум.
- Генерално имаме подобрување за две места, но ако се гледаат поените по одредени области, во поголемиот дел тапкаме в место, односно остануваме на исто - рече на презентацијата на извештајот Дриљон Исени од Комората на Северозападна Македонија, партнерска организација од државава во глобалната анализа во која се оценува економијата на државата преку 12 столба со 103 параметри.
Според Исени, државата останува слаба во параметрите за институциите, полошо стои и кај работната сила од аспект на стручното образование, но и кај квалитетот на патиштата, а нема значителни поместувања кај ИКТ-индустријата.
- Кај квалитетот на работната сила многу лошо котираме во делот на стручното образование, каде што сме на 131. место, како и во способностите на дипломираните лица. Ова е факт што се гледа при вработување на новиот кадар, кој не ги исполнува потребите на бизнисот. Во наоѓање квалитетна работна сила остануваме на 125. место на светско ниво, што е многу ниско рангирање - рече Исени.
Тој дополни дека секој ден бизнисот има сè помалку и квалификуван и неквалификуван работен кадар, поради што треба да се гледа и на можноста за увоз на работници од странство, каде што пак има проблеми поради постапките за дозволи за престој и за работа.
- Кај заштитата на правата од интелектуална сопственост остануваме на 119. место, кај инфраструктурата имаме уназадување во делот на квалитетот на патиштата во државата, а исто така и кај поврзаноста на аеродромите. Во ИКТ-индустријата има назадување во користењето мобилен интерен, вај-фај и оптички интернет, каде што сме на 102., 82., односно 92. место - рече Исени.
Кај параметрите за макроекономската стабилност годинава имаме уназадувања особено за динамиката на задолжувањето, а добро стоиме кај инфлацијата, каде што го делиме првото место со 88 други држави. Кај финансирањето на микро, малите и средните претпријатија сме на 115. место, а во банкарскиот сектор има уназадување споредено со лани, како и кај трошоците и кај времето за отворање бизнис. На 97. место остануваме во рангирањето кај капацитетите за иновативност.
- Државата се обидува да инвестира многу особено во делот на иновациите преку Фондот за иновации и технолошки развој, но резултатите сè уште не се видливи - наведе Исени.
Извор: МИА