X
 09.11.2021 Живот

Од 300 до 5.600 евра - кој прима најголем божиќен бонус во Германија?

Божиќниот бонус во Германија најчесто се доделува со платите во ноември. Оваа година право на божиќен бонус имаат 87,2 отсто од сите вработени, според Федералното биро за статистика.

Божиќниот бонус просечно изнесува 2.677 евра оваа година, што е зголемување за 1,9 отсто во споредба со претходната година.

Во западниот дел, просечниот божиќен бонус изнесува 2.695 евра и е поголем за околу 5,5 отсто отколку на истокот, каде што просечниот бонус изнесува 2.554 евра. Меѓутоа, околу 88 отсто од вработените во источниот дел годинава ќе добијат бонус, малку повеќе од 87 отсто од вработените во Западна Германија.


Фото: Франкфурт/Pixabay

Висината на божиќниот бонус во голема мера зависи од индустријата и се разликува од сектор до сектор, пренесува „Феникс магазин“. На пример, годинава ќе биде исплатен натпросечен бонус во индустријата на кокс и преработка на минерално масло. Вработените во оваа индустрија ќе добијат просечен божиќен бонус од 5.651 евро.

Во индустријата на производство на хемиски производи просечниот божиќен бонус изнесува 5.369 евра, додека во секторот на снабдување со енергија изнесува 5.171 евро. Во овие индустрии речиси сите вработени имаат право на бонус.

Најнискиот божиќен бонус годинава ќе им биде доделен на работниците во секторот на распоредување и најмување работници, а тој изнесува просечно 301 евро. Во угостителството, просечниот бонус годинава изнесува 861 евро.

Извор: Fenix Magazin
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот