Ако сакате крстосување и идејата да го живеете животот на луксузен мегаброд, тогаш почнете да штедите затоа што во 2025 година компанијата „Сторилајнс“ со седиште во Мајами планира да го пушти во употреба својот нов мегаброд од 1,5 милијарда долари, долг 230 метри, со 547 приватни резиденции.
Од „Сторилајнс“ велат дека бродот наречен „МВ Наратив“ е првиот еколошки одржлив брод за приватен престој.
Резиденциите, кои се со големина од 22 до 183 квадратни метри, сега се на продажба и не се воопшто евтини. „Сторилајнс“ вели дека тие ќе чинат помеѓу 1 и 8 милиони долари, а сопственоста ќе трае до крајот на животниот век на бродот, кој компанијата го проценува на приближно 60 години.
Фото: Storylines
- Тоа е многу повеќе отколку што би платиле да одите на одмор крстосувајќи, но привлечноста на бродот е во тоа што ќе можете да патувате низ светот од удобноста на вашиот дом - изјави извршниот директор на „Сторилајнс“, Алистер Пунтон.
„Сторилајнс“ и хрватското бродоградилиште „Бродосплит“ моментално се во фаза на проектирање и инженерство за изградба на огромниот брод, за кој компаниите велат дека ќе биде прв од ваков вид што ќе се напојува со погон на природен течен гас. Овој метод ги намалува емисиите на јаглерод диоксид за околу 25 отсто во споредба со традиционалната дизел-енергија.
Резиденциите може да имаат од една до четири спални, а повеќето од нив ќе имаат балкон со поглед на околните мориња и различни пристаништа.
Фото: Storylines
Луѓето што ќе живеат на бродот ќе го заобиколуваат светот на секои три години. Тргнувајќи од домашното пристаниште на бродот во Хрватска, бродот ќе помине до пет дена во главните пристаништа низ светот.
Покрај приватните луксузни резиденции, бродот треба да понуди 20 различни ресторани и барови, пошта, училиште, библиотека, болница, банка, канцелариски простории и неколку базени.
Вклучени се и кугларница, микропиварница, кино, фитнес-палуба на отворено, палуба за сончање и јога, и патека за трчање и приморска марина за лични пловни објекти како џет-скии.
Фото: Storylines
Бродот ќе може да се пофали и со најголемиот велнес-центар на море кој ќе вклучува спа-центар, сала за вежбање и клиника против стареење во простор од 929 квадратни метри.
Извор:
CNBC
Фото: Storyline