Сумата за добивање американска виза за постојан престој е сѐ повисока. EB-5 визата отсега ќе ги чини богатите странци најмалку 900.000 долари. Тоа е за дури 400.000 долари повеќе од износот од 1993 година, кога е воведена златната виза.
Но, тоа не е единствениот проблем со овој посакуван документ - речиси секоја година има вести за некои контроверзии. Имено, парите на инвеститорите често се трошеле на луксузни проекти, а не на проблематичните области, како што најавуваше американскиот Конгрес. Измамниците продолжуваат да го користат она што критичарите го нарекоа програма „златна виза“ за измама на странци.
Зголемувањето на минималните инвестиции е една од најзначајните измени кои се донесени токму поради тоа. Идните проекти надвор од областите со економски потешкотии ќе бараат инвестиција од 1,8 милиони долари. Зголемувањето наводно е усогласено со инфлацијата. Службата за државјанство и имиграција на САД (УСЦИС) сега ќе ги ревидира износите на секои пет години за да ја земе предвид и инфлацијата. Правилото стапува на сила на 21 ноември 2019 година.
Исто така, ревизијата ќе го промени начинот на кој се дефинирани областите на голема невработеност, познати како таргет-области за вработување (ТЕА). Сега секоја држава може да одреди пописни области кои се квалификуваат како ТЕА за привлекување на странски инвестиции. Ревизијата го укинува тоа овластување. Новите правила исто така го отежнуваат обележувањето на урбаните населби, во кои лежат некои од најбараните инвестициски можности, како ТЕА.
-Ревидираните правила значително ќе ја ограничат можноста за манипулации за да се осигура дека смалениот износ на инвестициите ќе биде резервиран за руралните подрачја и за подрачјата со висока стапка на невработеност, каде вложувањата се најпотребни - вели Кен Кучанели, в.д. директор на УСЦИС.
Пред да стапат на сила правилата, инвеститорите сѐ уште можат да поднесат барање за виза со актуелниот минимум од 500.000 долари. Се очекува пораст на бројот на
апликации.