X
 09.11.2023 Живот

Ракот на грлото на матката во 99,8 проценти е предизвикан од ХПВ, но сѐ уште се бојкотира вакцината

Ракот на грлото на матката во 99,8 проценти е предизвикан од хуман папилома вирус (ХПВ). Во земјава сѐ уште има одбивност кај родителите за вакцинирање на нивните деца против ХПВ. Сите девојки што ќе навршат 19 години, можат да ја примат оваа вакцина, а од следната година се очекува таква можност да ја имаат и момчињата.

Доктор Горан Димитров, специјалист гинеколог-акушер од Клиниката за гинекологија и акушерство, денеска на средба со новинарите рече дека границата на појава на предракова состојба кај грлото на матката и на инвазивен рак се смалува. Долго време границата била 33-34 години, но, како и во светот, така и кај нас, има тенденција да се намалува средната возраст.

Во однос на тоа колкава е бројката на годишно ниво на жени заболени од рак на матката, Димитров рече дека на 100.000 жени, околу 16 до 23 жени имало во последните десет години. Најмладата пациентка била на 14-годишна возраст. Имало и случаи во кои жени никогаш не направиле ПАП или ХПВ-тест.

Од Комисијата за имунизација не се задоволни од процентот на имунизација, иако земјава во поширокиот регион, како што беше посочено, има многу подобар опфат.

- Тоа првенствено се должи затоа што први ја воведовме ХПВ-вакцинацијата. Цело време сериозно се работи на промовирање на оваа вакцина. Она што нѐ загрижува нас, го покажуваат и бројките, дека немаме рамномерен опфат во нашата земја. Не само за оваа вакцина, може да се види и за други вакцини. Иако, морам да кажам, понекогаш помеѓу вакцините тоа варира во зависност од здравствените авторитети во малите места, морам да кажам дека многу полесно и подостапно комуницираат со своите пациенти. И сѐ уште оној здравствен авторитет кој лекарот го има и треба да го има е многу полесно достапен во малите места - рече доктор Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација.

Според неа, ХПВ-вакцината се соочува со голем број митови и стереотипи, научно неиздржани.

- Еден од нив е дека влијае врз репродуктивната способност. Напротив, намалувањето на репродуктивната способност се гледа токму кај оние парови кај кои подолго била присутна ХПВ-инфекција. Вакцината не е нова, има искуство од повеќе од дваесет години. Внесена е во 156 земји. Ефикасна и бесплатна, безбедна. На родителите треба јасно да им се каже кога ја носат одлуката дека ова инфективно заболување доведува до развој на канцер - подвлече Грозданова.

Кога станува збор за вакцинација и ревакцинација во Македонија во 2022 година, во однос на примарната вакцинација, не е констатиран препорачаниот опфат над 95 отсто за ниту една вакцина на национално ниво.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот