X
 08.05.2019 Здравје

Што кога некој го носи и пренесува вирусот на морбили, а не знае за тоа?

Докторите во САД користат електронски здравствени картони за своите пациенти за да ги идентификуваат оние што се невакцинирани и потенцијално заразени, за да помогнат во искоренувањето на најмасовната епидемија на морбили во последните 25 години.

Њујоршката болница „Лангон Хелт“ лекува пациенти од два округа - Рокланд и Бруклин, кои се епицентри на оваа епидемија. Овие два округа вградиле систем за предупредување во својата база на електронски картони и на тој начин ги известуваат докторите и медицинските сестри дека пациентот живее во подрачје со епидемија.

- Овој систем го идентификува доаѓањето на пациент кој можеби бил изложен на морбили и на кој треба да се направат испитувања - вели д-р Мајкл Филипс, главен епидемиолог на оваа медицинска установа.

vakcina
Фото: 123RF

Предупредувањата во медицинскиот картон на пациентот во оваа установа исто така поттикнуваат разговори за неговите посети, кога исто можел да биде изложен на вирусот, како и за неговата здравствена состојба, претходна изложеност на морбили и историја на вакцинација.

Здравствениот систем „Маунт Синаи“ во Њујорк минатата недела спровел слична програма, вели д-р Брус Дероу, портпарол на оваа установа.

Тој рече дека тоа е важно бидејќи ако пациентот кој доаѓа од подрачје погодено со епидемија поминал на скринингот, членовите на семејствата што го посетил можеби исто така биле изложени на морбили.

Тој вели дека системот за предупредување ја подигнува свеста кај лекарите и медицинските сестри да бидат алармирани не само за редовните пациенти, туку и за секој што влегува во зградата.

„Лангон Хелт“ ги развил ваквите предупредувања со користење софтвер од компанијата „Епик медисон“, а овој софтвер го користат илјада американски болници и клиники. Од компанијата велат дека и други клиенти почнале да бараат нивна помош за да решат слични проблеми.

Како одговор на тоа, „Епик медисон“ минатиот месец објави водич за најдобри идеи за нивните клиенти кои се борат против епидемијата. Водичот упатува на тоа како здравствените системи најдобро да ја искористат медицинската документација за идентификација и пристап на пациентите што не се вакцинирани и помагаат лекарите да се информираат за тоа како да ги прегледаат, следат и лекуваат пациентите со морбили.

- На пример, можеме да ги пронајдеме сите оние што не добиле МРП-вакцина и да им испратиме порака - вели Џордан Такер, член на тимот за имплементација во компанијата „Епик“, кој помага во надгледувањето на овој проект.

Засега овој систем за борба против епидемијата го користат клиенти од Њујорк, Илиноис, Тексас и Калифорнија.

„Сатер хелт“ од Северна Калифорнија минатиот месец воведе „скрининг-прашалник“ за потенцијалниот ризик од морбили за секој пациент што ќе се обиде да го резервира својот термин онлајн.

Д-р Џефри Силверс, медицински директор во „Сатер хелт“, вели дека луѓето со морбили често се жалат на симптоми како кашлица, течење на носот или покачена температура пред да се појави исипот. Целта на скрининг-програмата е да идентификува дали се заразени од морбили.

Според Светската здравствена организација, 95 отсто од населението треба да биде вакцинирано за да се обезбеди колективен имунитет, форма на индиректна заштита што спречува инфекција кај луѓето кои се премногу млади или болни за да бидат вакцинирани од МРП-вакцина.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје