X
 09.12.2021 Образование

УКЛО организира е-форум на тема „Универзитет без корупција“

По повод 9 Декември, Меѓународниот ден за борба против корупцијата и одбележувањето на патрониот празник, Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола, како потписник на Декларацијата на сите државни универзитети, денеска организира е-форум на тема „Универзитет без корупција“, чија цел е зајакнување на јавната свест за спречување на корупцијата во високото образование преку засилување на капацитетите на универзитетите и студентските тела на УКЛО за имплементирање на Законот за заштита на укажувачите.

На формот говореа ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, проф. д-р Сашо Коруновски, проректорот на Универзитетот, проф. д-р Марјан Ѓуровски, овластеното лице на УКЛО за прием на пријави за корупција - проф. д-р Валентина Гулевска, проф. д-р Ице Илијевски од Правниот факултет - Кичево, членот на Државната комисија за борба против корупција и судир на интереси на РСМ, Горан Трпеноски, и в.д. студентскиот правобранител на УКЛО, Емилија Баткоска.

2

Една од исклучително важните области преку која може да се влијае врз намалувањето на корупцијата во државата на повеќе начини е токму високото образованието, рече проректорот Марјан Ѓуровски. Тој нагласи дека академската заедница, иако е автономен ентитет, не е изолиран остров на кој не влијаат општествените текови. Така, коруптивните однесувања се плод на општите сфаќања и култура, како и воспоставените социјални односи помеѓу луѓето. Односно, општо прифатените стандарди на однесување се пресликуваат и во академската заедница. Затоа, доколку постои висок степен на корупција во преостанатите сфери како здравството, полицијата, јавните набавки, речиси е невозможно коруптивните појави да не се присутни и во областа на високото и другите сектори на образование, која токму преку овие наши активности сакаме да ја осуетиме и преку јавно дејствување ја доведеме до минимални граници. Ова се јавува поради навиката на дел од населението да добива услуги од јавните институции со коруптивни дејствија, и овој начин се користи во сите сфери. Едни од причините поради кои се јавува корупцијата во високото образование се економскиот развој и стандард во една држава. Според истражувањата на Транспаренси интернешенел, земјите во кои има понизок животен стандард имаат значително повисок степен на корупција во образованието отколку кај оние во кои граѓаните имаат поголеми примања. Ова се случува поради: трка за полесно добивање вештини и диплома, и побрзо и подобро позиционирање на пазарот на трудот, професорите и академскиот кадар кои сметаат дека се недоволно платени за својот труд и општо мнение за недоверба во државниот систем и јавните услуги, рече професорот Ѓуровски.

Од денешниот форум сакаме да ја потенцираме заложбата за универзитет без корупција како наша заедничка задача за спречување на корупцијата во високото образование, преку засилување на капацитетите на Универзитетот и студентските тела за имплементирање на Законот за заштита на укажувачите, нагласи ректорот на УКЛО, професор Сашо Коруновски.

Заедно треба уште повеќе да се насочиме кон зголемување на свеста за обврските за примена на Законот за заштита на укажувачите во системот на високо образование, како и засилување на капацитетите на управата, администрацијата и студентските организации за постапување по Законот, нагласија преостанатите учесници на форумот.

3

- Корупцијата во образованието малку е третирана во релевантните извештаи за корупција, меѓутоа, овој сектор често се посочува од граѓаните во разни анкети за нивната перцепција или искуството во однос на коруптивните дејства. Корупцијата има свои различни облици и ризици согласно степенот на образованието. Детектирано е дека во високото образование е евидентна високата корупција каде што има случаи на започнати, но недовршени постапки за корупција - истакна Горан Трпеноски, член на Државната комисијата за борба против корупција и судир на интереси.

Во анализата на  ризикот за корупција во образованието, Трпеноски додаде дека во секторот образование ризикот од корупција се оценува како умерено висок. За надминување на овие состојби, според него, неопходно е вработување на квалитетен кадар, за што е потребно пропишување прецизни критериуми за избор во секоја фаза од постапката за вработување, како и зајакнат инспекциски надзор.

Ризиците од корупција главно се поврзуваат со вршење на основната дејност - давање образовни услуги и вработувања во овој сектор, нагласи во своето излагање Горан Трпеноски, член на Државната комисија за борба против корупција и судир на интереси. Според него, најчести форми на корупција што се јавуваат при давање образовни услуги се: поткуп, злоупотреба на службената позиција и подароци.

4

Од анализата на ризикот за корупција во образованието, според Горан Трпеновски, произлегува дека при вршење работа во образованието има ризици од корупција главно поради ниските плати, несигурниот работен статус на дел од вработените и праксата на неказнивост на коруптивното однесување. Интегритетот на образовните работници е клучен фактор дали ќе се случи корупција или не.

На Форумот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ се нагласи дека друг сегмент каде што е детектиран висок ризик од корупција е поврзан со акредитацијата на високообразовни институции, научни установи и студиски програми, за која е неопходно да се обезбеди повисока транспарентност на процесот на воспоставување и работа на соодветните надлежни тела. Исто така, проблем во овој сектор е што во рамките на образовните институции постои ниска свест за адресирање на прашањето на корупцијата и судирот на интереси. Потребни се систематизирани активности за јакнење на свеста во оваа сфера. Приоритетни проблеми во секторот образование според Трпеновски се: изразените влијанија и дискрециони овластувања при вработувањето во образованието, недоволно изградени капацитети на државниот просветен инспекторат, ниската свест за адресирање на прашањето на корупцијата во рамките на образовните институции, недостиг на подзаконски акти за начинот на регулирање за давање под закуп на недвижен имот на образовните институции, подигнување на квалитетот на високото образование во сферата на акредитирање на високообразовни институции, научни установи и акредитација на студиски програми.

5

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола е насочен кон зголемување на свеста за обврските за примена на Законот за заштита на укажувачите во системот на високо образование, како и засилување на капацитетите на управата, администрацијата и студентските организации за борба против корупцијата и судир на интересите, беше истакнато од другите учесници на денешниот онлајн собир за борба против корупција во високото образование.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование