Сигурно сте биле сведок на работа, во дружба со пријателите и роднините, кога некој за некоја тема знае многу малку, а тврди дека знае многу. Ваквата личност дури и смета дека е експерт. Овој феномен има име - Данинг-Кругеров ефект. Не е болест, синдром или ментална болест; присутен е кај секој до одредена мера, уште откако постои човечкиот ум, но од неодамна социјалната психологија почна подлабоко да го истражува.
Давид Данинг и Џастин Кругер во 1999 година во својот труд ги претставиле резултатите од истражувањето на она што им било познато на филозофите уште откако Сократ наводно рекол: „Единствената вистинска мудрост е да знаеш дека ништо не знаеш“. И Чарлс Дарвин во 1871 година рекол нешто слично: „Незнаењето многу почесто доведува до самоувереност отколку што тоа го прави знаењето“.
Едноставно кажано, некомпетентните луѓе сметаат дека знаат повеќе отколку што навистина знаат и се склони кон фалење на сопственото знаење.
За да ја испитаат теоријата на Дарвин, истражувачите ги испитале луѓето во неколку подрачја; граматика, логично размислување и хумор. По секој тест ги испитале учесниците како сметаат дека поминале. Данинг бил шокиран со резултатите и покрај тоа што тие ги потврдиле неговите хипотези. Без оглед на подрачјето, испитаниците што на тестот поминале лошо се оцениле дека имаат повисока компетенција. Оние што биле во последните 10 отсто се рангирале себеси во највисоките 70 отсто. Оние за кои била најмала веројатноста да знаат за што зборуваат, верувале дека знаат исто колку експертите.
Резултатите на Данинг и Кругер се реплицирани најмалку во десетина различни области: математички вештини, дегустирање на вино, шах, медицинско знаење меѓу хирурзи и безбедност на оружје меѓу ловците.
За време на претседателските избори и месеците пред претседателската инаугурација, интересот за овој ефект се зголеми. Пребарувањата на „Гугл“ за „Данинг-Кругер“ беа на највисоко ниво во мај 2017 година и оттогаш останаа високи.
- Очигледно е дека е поврзано со Трамп и мислењето за него, така што може да се каже дека е политички. Луѓето се обидуваат да ја разберат другата страна. Сведоци сме на ненадеен подем на политичка спротивставеност, што стана лоша и екстремна, па луѓето бараат објаснување - вели Данинг.
Иако изјавите на Трамп се преполни со грешки, лаги и неточности, тој искажува висока самодоверба во неговото однесување. Тој вели дека не чита бидејќи ги решава проблемите со секое мало знаење покрај сето она што веќе го поседува. Постојано во интервјуата изјавува дека не чита долги извештаи затоа што точно знае за што станува збор. Тој користи „најдобри зборови“ и има „висока интелигенција“ додека го негира консензусот на научниците за климатските промени.
Пред неколку децении изјави дека можел да ѝ стави крај на Студената војна.
- Би ми требал еден и пол час за да научам сѐ што треба да се знае за проектилите - изјавил Трамп во 1984 година.
- Трамп го преценува своето знаење со децении. Ни малку не изненадува што така продолжува да се однесува и во Белата куќа - вели Брендан Нијан, политиколог од Универзитетот во Мичиген.
- Данинг-Кругер ефектот нуди објаснување за еден вид горделивост. Накратко, феноменот совршено е објаснет со однесувањето на Трамп. Човек со нула политички вештини кој нема поим дека има нула политички вештини. А тоа му дава екстремна самодоверба - вели Стивен Сломан, когнитивен психолог од Универзитетот „Браун“.
Тој смета дека овој ефект стана толку популарен бидејќи е едноставен феномен што може да важи за сите нас. Освен тоа, луѓето се очајни да сфатат што се случува со светот.
- Многу луѓе не можат да сфатат како Трамп успеа да се издигне. Тој е токму спротивното на сето она што го вреднуваме кај еден политичар и спротивното на она што го мислиме за Американците. Некои од овие луѓе сакаат да пронајдат нешто научно за да го објаснат ова - вели Сломан.
Последиците од овој ефект обично се безопасни. Ако некогаш сте се чувствувале самоуверени кога сте полагале испит, а потоа професорот ви ги пречкртал сите прашања, тогаш сте искусиле Данинг-Кругер. Од друга страна, може да има смртоносен ефект.
Во 2017 година, поранешниот неврохирург Кристофер Дунч беше осуден на доживотен затвор поради користење лоша техника.
Данинг вели дека ефектот е особено опасен кога некој што има влијание нема со кого да разговара за неговите грешки.
Што се случува ако некомпетентните луѓе не сакаат да ги признаат своите
грешки: Дали се толку самоуверени во својата претстава за сопствените знаења што ќе ја отфрлат и самата идеја за усовршување или подобрување? Не изненадува што дополнителното истражување на Данинг покажува дека испитаниците со најслаби резултати покажале најниска волја да прифатат критика или интерес да се усовршат.