X
 10.01.2023 Наука

Зошто ирвасите ја менуваат бојата на очите во текот на зимата?

Во текот на летото слојот на задниот дел од окото на ирвасот изгледа како светкаво злато со огнени линии. Меѓутоа, во текот на зимата тој слој се менува и добива боја на темно небо со аурора бореалис.

Научниците со години се обидувале да дознаат зошто и како доаѓа до оваа мистериозна промена, но ново истражување нуди објаснување за феноменот.

- Она што го откривме претставува навистина прекрасен биолошки механизам кој е единствен и бизарен, а воедно има и совршена смисла - изјавил Глен Џефри, невронаучник од Универзитетскиот колеџ во Лондон и автор на истражувањето.

Во текот на зимата многу ирваси поминуваат голем дел од денот во темнина поради локацијата на нивните живеалишта. Еден од механизмите што им помагаат да преживеат е слојот tapetum lucidum, кој се наоѓа зад мрежницата на окото.



Кога живеете во речиси целосен мрак, секој фотон е важен. Слојот овозможува поголема апсорпција на фотоните кои ќе влезат во окото, односно го оневозможува нивното излегување. Неговата боја варира од жолтеникаво-златна до зеленикава, а воедно тој е и причина зошто очите на ноќните животни како мачките и ракуните сјаат во темнина.

Зошто овој слој во текот на зимата станува син?

Одговорот веројатно има врска со апсорпцијата на светлината во околина во која доминираат сини и темни бои. За разлика од луѓето, ирвасите добро гледаат и во пократкиот опсег на ултравиолетови зраци, што им помага во потрагата по храна и заштита од непријатели.

Кога ирвасите ја менуваат бојата на очите?

Истражувачите откриле дека слојот во окото на ирвасот е направен од мали влакна на колаген кои кога ќе се потопат во течност формираат мрежа од променливи кристали. Во текот на летото, тие одразуваат црвенкава светлина, но во текот на зимата, за време на ширењето на зеницата, ја менуваат структурата и рефлектираат сина светлина. Кога ќе настапи летото и околу окото ќе има светлина, нивните зеници се враќаат во нормала и ја добиваат црвеникавата боја.

Извор: National geographic
Насловна фотографија: Twitter
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука