Летото требаше да го успори ширењето на коронавирусот и да нè спаси. Политичари, научници и лекари зборуваа за тоа како топлината и сончевата светлина може да го убие вирусот. Ова беше заклучок на многу истражувања за други вируси, како грипот. Но веќе сме на крајот од јули и гледаме дека топлината не го успори ширењето на вирусот.
Низ светот досега се заразија милиони луѓе, а починаа стотици илјадници како последица од болеста Ковид-19 предизвикана од коронавирусот. Во САД, вирусот е најраширен во најжешките сојузни држави, како Тексас, Аризона и Флорида. Тогаш, зошто топлината не го уби коронавирусот? Питер Хотез, декан на Националниот факултет за тропска медицина на униеврзитетот „Бејлор“ во Хјустон, САД не е сигурен дека го има одговорот на ова прашање.
Фото: Pixabay
Во лабораторијата, експериментите на респираторните вируси покажале дека сончевата светлина, температурата и особено влажноста во воздухот влијаат на пренесувањето на вирусите од лице на лице. Во болниците редовно се користи ултравиолетова светлина за убивање на
вирусите. Влажноста може да влијае на должината на задржувањето на аеросолите во воздухот. Самиот вирус САРС-Ков-2 е обвиен во мембрана која се пече на високи температури.
Но, она што се случува во лабораторијата и во реалниот свет се две различни работи. Според Хотез, очигледно не може да се види доказ дека сончевата светлина, топлината и влажноста имаат уништувачки ефект на коронавирусот. Пред сè, видот ултравиолетова светлина која се користи за убивање на вирусите во болниците не е иста како ултравиолетовата светлина која поминува низ атмосферата како сончева светлина.
Освен тоа, фактот дека коронавирусот е нов вирус, што значи дека никој не е имун на него, значи дека дури и малите ефекти кои можеби ги имаат топлината и сончевата светлина не може да се препознаат.
Фото: Pixabay
Генерално, теоријата вели дека сезоните не се релевантни во појавувањето на нов вирус и заразувањето на населението со него, вели Хотез. Некои научници сметаат дека поради топлината, луѓето се групираат во климатизирани простории, што може да го забрза ширењето, но сè уште нема докази за ова.
Сепак, Хотез вели дека сè уште учиме за вирусот и треба да се претпостави дека случаите на Ковид-19 ќе продолжат забрзано да растат кога станува збор за САД.
Колин Карлсон, асистент професор во Центарот за глобална медицина и безбедност на Универзитетот во Џорџтаун, САД, се согласува дека научниците сè уште учат за вирусот не знаат многу за поврзаноста помеѓу топлината и вирусот. Но тој додава дека научниците згрешиле кога пред повеќе месеци избрзале со претпоставките дека топлината ќе го намали ширењето на вирусот.
- Научниците им кажуваа на луѓето дека летото ќе биде безбедно. Тие згрешија - вели Карлсон.
Фото: Pixabay
Како што посочува Карлсон, повеќе брзо напишани истражувања биле објавени во првите месеци по појавувањето на коронавирусот, а во нив се заклучувало дека вирусот ќе биде сезонски. Но, повеќето од овие истражувања не биле прегледани, а многу воопшто не биле напишани од луѓе кои се експерти за заразни болести.
Затоа, ставете маска и излезете надвор да уживате во сонцето, но не бидете уверени дека топлината и сончевите зраци ќе ве заштитат од било што.
Автор: Џеф Гудел
Извор:
rollingstone.com