Во 2018 година канадски научници открија направа што „печати“ парчиња вештачка кожа директно на раните на жртвите со изгореници.
- Слично е на диспанзер на селотејп, каде што наместо селотејп, имате микронаправа која вади лента ткиво - објасни тогаш истражувачот Аксел Гинтер.
Минатата недела тимот објави ветувачки резултати од последното тестирање на направата врз животни во списанието „Бајофабрикејшн“ - доближувајќи ја еден чекор поблиску до употреба во медицината.
Лекарите сега имаат неколку опции за третирање на тешки изгореници. Најчестата е трансплантација на кожа, која вклучува отстранување на оштетеното ткиво и негова замена со здрава кожа од друг дел на телото. Но, во некои случаи трансплантацијата не е изводлива опција.
- Во случаи каде што пациентот има екстензивни изгореници со уништени и горен и долен слој на кожата, не секогаш е останата доволно здрава кожа за користење - објаснува Гинтер.
Алтернативните лекувања на изгорениците имаат свои недостатоци и затоа истражувачите сметаат дека нивната направа би можела да биде
благодат.
Направата ја елиминира потребата од транспланти преку нанесување ленти од специјално биомастило директно на раната. Тоа биомастило содржи заздравувачки протеини и мезенхимални стромални клетки кои му помагаат на имунолошкиот систем и поттикнуваат раст на нови клетки.
За новото испитување тимот ја тестирал направата на изгореници кај свињи и бил задоволен од резултатите.
- Најзначајно е тоа што нашите резултати покажаа дека раните лекувани со мезенхимални стромални клетки заздравија многу добро со намалување на воспалението, лузните и контракцијата во споредба со нелекуваните рани и оние лекувани со колаген - вели истражувачот Марк Јешке.