X
 18.11.2020 Наша тема

Ковид-вакуум: Во државни болници едвај има место, на приватно е прескапо

Сè повеќе испливуваат на површина децениските здравствени проблеми

Медицинскиот персонал е преморен, болниците сè повеќе се полнат и се отвораат нови места за згрижување болни од Ковид-19, а децениските здравствени проблеми, недоволните инвестиции во здравствениот сектор, и кадровски и стратешки, сè повеќе испливуваат на површина. Сето ова многу повеќе се чувствува со растот на бројот на заболени од коронавирус во услови на пандемија. Здравствените власти колку и да се обидуваат да ја смират состојбата, граѓаните се исплашени. И сè повеќе коментираат дека тоа е со право. Социјалните мрежи, како место на кое најмногу ги искажуваат ставовите, се преполни со апели за помош, барања врски за ургенции, прашања...

Иако за многумина можеби недостижно, сепак, лекувањето од Ковид-19 во приватните болници во Македонија добива сè поголем интерес од граѓаните, пропорционално со растот на бројот на заболени, како и со полнењето на државните болници. Овие здравствени установи немаат договори со Фондот за здравствено осигурување, сами ги дефинираат цените за лекување, кои може да достигаат и до илјадници евра.

Власта критикува

Политичари и граѓани ги оквалификуваа цените во приватните болници како многу високи. Тие коментираат дека депонираат пари однапред и доколку не се потроши депонираната сума им се враќа разликата, непотрошеното. Граѓаните што имаат можност се задолжуваат за да најдат спас за своите најблиски.
Приватните болници, пак, ги образложуваат високите суми со методите и начинот на лекување што ги користат и за кои велат дека се далеку поквалитетни и пософистицирани од она што го нуди јавното здравство.



Критики стасаа и од највисокото ниво на власт. Но, за тоа дали приватниците ја користат маката на граѓаните за недозволено богатење, досега не слушнавме ниту анализа ниту проверка. На нашето прашање од Министерството за здравство велат дека приватните болници сами ги утврдуваат цените на услугите за кои немаат склучено договор со ФЗОМ и со кои не се во мрежа на здравствени установи. Министерството за здравство не ги одредува цените, ниту пак пакетот на услуги кои приватните болници ги нудат.

Синоќа премиерот Зоран Заев ги коментираше цените за лекување во приватните болници и рече дека не може да прифати дека 12 илјади евра е лекување со трансплантација на крвта во некоја здравствена институција.

- И што ако имаше вонредна состојба, па да одевме на национализација во овој период? Не ми е својствено дека трошоците се 12 илјади евра. Тоа го слушам, не сум го проверил, но во вонредна состојба здравствениот систем мора да биде еднаков за сите, за да нема вакви дисонантни појави - рече Заев во интервју за ТВ 21одговарајќи на коментарот на водителот дека со корона-кризата испливаа на површина социјалните разлики и дека граѓаните потешко стигнуваат до квалитетна здравствена услуга.

Премиерот кажа дека сѐ што има во приватните клиники го има и во јавниот здравствен систем.

- Ако некој има вишок пари, бујрум, нека оди, тоа се лиценцирани компании, здравствени установи кои работат за профит. Ние како држава не работиме за профит. Трансплантација на крв има на Инфективна клиника, „ремдесивир“ има на Инфективна и се дава по шаблон според упатствата од Светската здравствена организација. Здравствените работници прават сѐ што можат. Јас разбирам дека граѓаните се веќе нервозни - рече Заев, коментирајќи ги апелите и коментарите на социјалните мрежи.

Колку чини приватно лекување?

Клиничката болница „Жан Митрев “ и „Аџибадем Систина“ се двете приватни болници што нудат болничко лекување на пациенти со Ковид-19. И двете болници имаат свои протоколи на лекување и употребуваат современи методи, за кои велат дека недостигаат во јавното здравство.
Прашавме за цените за лекување на заболени со коронавирус.



Над 260 лекувани во „Жан Митрев“

Во приватната болница „Жан Митрев“ од почетокот на пандемијата биле хоспитализирани и се лекувале над 260 пациенти со Ковид-19.
- Еден болнички ден чини 36.000 денари и во таа цена се вклучени сите оперативни трошоци наменети за интензивно лекување на пациентите - велат од болницата.

Сепак, посочуваат и дека цената, но и начинот на лекување зависи и од состојбата во која се наоѓа донесениот пациент.

- Оние со полесна клиничка слика се задржуваат помалку од оние со сериозна состојба, но просекот на болничкото лекување е десетина дена. Вкупната цена варира, т.е. е индивидуална во зависност од состојбата во која се наоѓа пациентот. Ова, пак, наметнува и какви методи за лекување ќе бидат вклучени. Кај оние со применета хемофилтрација цената е повисока, но таа зависи и од тоа колку турнуси на филтрирање биле изведени - објаснуваат оттаму.

Во моментот на отпуштање пациентите се закрепнати и добиваат совети за одржување на имунитетот, како и следење од доктор во случај на дополнителни прашања или недоумици во однос на понатамошниот начин на живот.
Во моментов пациентите што се лекуваат во „Жан Митрев клиник“ употребуваат сопствени средства зашто Фондот за здравствено осигурување и приватните здравствени осигурувања не покриваат ставки поврзани со третирање на пациенти со Ковид-19.

Цената зависи од методата и од времето на лекување во „Аџибадем Систина“

Од болницата „Аџибадем Систина“ посочија дека досега во нивниот Центар за третман на пациенти со Ковид-19 се третирани 87 пациенти, од кои 49 се успешно излекувани, а во моментов во болничкиот стационар се хоспитализирани 29 пациенти.
Оттаму посочуваат дека нема единствена цена за лекување на овие пациенти зашто таа зависи од времетраењето на третманот и начинот на кој пациентот ќе биде третиран, односно методата која се применува кај пациентот.
- Лекувањето е индивидуално кај секој пациент во зависност од компликациите што ги предизвикал коронавирусот и за третманот кај секој пациент поединечно одлучува конзилиум од лекари - објаснуваат од болницата.
Велат дека нивниот Центар за третман на пациенти со Ковид-19 е комплетно кадровски и технолошки опремен и располага со најсовремена технологија, а лекувањето се одвива преку најсовремени и докажани методи и според протоколи утврдени од Светската здравствена организација.
- Центарот има 21 место за интензивно лекување, од кои 18 се комплетно опремени со респираторни машини и најсовремени ЕКМО-апарати, што го прави единствен Центар со толкави капацитети за лекување тешки случаи на пациенти со Ковид-19 во земјава. Располага со многуброен високостручен кадар и во грижата за пациентите се вклучени тројца еминентни инфектолози, 30 специјално обучени медицински сестри и 10 болничари. Дел од пациентите се третираат со ЕКМО-методата и озонска терапија (хемофилтрација), а дел се третирани со неинвазивна вентилација, но има и пациенти што имаа потреба од механичка вентилација или респираторна поддршка - објаснуваат од болницата.
Методите што се применуваат за третман на ковид-пациентите во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се користат и во останатите здравствени установи и се препорачани од релевантни институции како соодветни и ефикасни методи за лекување пациенти со Ковид-19.
- Поседуваме врвна опрема за хемофилтрација, филтри од најдобриот светски производител „Фресениус“ и високообучен, експертски тим кој ја изведува оваа процедура. Истовремено, болницата располага со најсовремениот и најнов ЕКМО-апарат (Кардиохелп), а за негово непречено функционирање се грижи високостручен тим на перфузионисти, кардиоанестезиолози и кардиохирурзи со 20-годишно богато меѓународно искуство. За употребата на ЕКМО-апаратот во третманот на пациентите со Ковид-19 одлучува конзилиум од специјалисти во поширок состав. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е првата болница во земјава и регионот која со примена на ЕКМО-технологија го спаси животот на 45-годишен пациент со Ковид-19 кој беше примен во исклучително тешка здравствена состојба - посочуваат од „Аџибадем Систина“.

Инаку, според вчерашната статистика на Институтот за јавно здравје, имаме регистрирани 18.591 активни случаи на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 48.613, бројката на оздравени пациенти е 28.646, на починати е 1.376.

Фото: Фрипик


Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема