85 отсто од луѓето во Сингапур се целосно вакцинирани, а 18 отсто примиле бустер-доза.
Во понеделникот Владата на Сингапур изјави дека повеќе нема да ги покрива медицинските трошоци на луѓето што не се вакцинирани по избор и кои го сочинуваат најголемиот дел од преостанатите нови случаи на ковид-19 и хоспитализации во Сингапур.
- Во моментов невакцинираните сочинуваат значително мнозинство од оние на кои им е потребна интензивна болничка нега и непропорционално придонесуваат за оптоварување на нашите здравствени ресурси - соопшти Министерството за здравство.
- Ковид-пациентите што не се вакцинирани по свој избор сè уште можат да користат редовни аранжмани за финансирање на здравствената заштита за да ги платат сметките каде што е применливо - додаде Министерството за здравство.
Досега Владата ги плаќаше сметките за сите граѓани на Сингапур што биле болни од ковид-19, освен ако не биле позитивни брзо време по враќањето од странство.
- Ова беше за да се избегне финансиската нестабилност кога ковид-19 беше непозната болест. Владата ќе продолжи да ги покрива медицинските трошоци за вакцинираните, како и за оние што сè уште не ги исполнуваат условите за вакцина: децата под 12 години и луѓето со одредени здравствени состојби. Делумно вакцинираните лица ќе бидат здравствено покриени до 31 декември.
Се смета дека Сингапур има еден од најдобрите здравствени системи во светот. Истражување од 2017 година објавено во водечкото медицинско списание „Лансет“ покажа дека Сингапур се наоѓа на првото место меѓу 188 земји во напорите да се исполнат здравствените цели поставени од Обединетите нации за 2030 година.
Фото: Freepik
Сингапурскиот модел е во голема мера зависен од приватизираните медицински услуги, што значи дека невакцинираните можеби веќе имаат покриеност ако се разболат од ковид-19.
Работниците во
Сингапур имаат обврска да издвојат дел од својата плата на здравствени штедни сметки, на кои и вработените мора да придонесуваат врз основа на различни критериуми.
Според системот, сметките за невакцинираните ќе продолжат да бидат „високо поддржани и високо субвенционирани“, рече министерот за здравство Онг Је Кунг.
- Болниците навистина претпочитаат воопшто да не им наплаќаат на овие пациенти. Но, ние треба да го испратиме овој важен сигнал за да ги поканиме сите да се вакцинираат доколку ги исполнувате условите - вели Онг.
Сингапур има регистрирано околу 91.000 нови инфекции во последните 28 дена, од кои 98,7 отсто биле асимптоматски или благи случаи, соопшти Министерството за здравство.
До 7 ноември 1.725 луѓе биле хоспитализирани со вирусот. Од нив, според Министерството за здравство, 301 имаат потреба од кислород, 62 се под строг надзор на одделението за интензивна нега, а 67 се тешко болни и интубирани. Ова доведе до сегашната стапка на користење интензивна нега во Сингапур од 68,5 отсто.
- Иако ова сè уште е изводливо со оптегнување на нашиот здравствен персонал, не смееме да ја намалиме внимателноста и мора да избегнеме повторување на случаи кои би можеле да се закануваат повторно да го поплават нашиот здравствен систем - соопшти Министерството за здравство.
На почетокот на пандемијата Сингапур се потпираше на опсежен надзор, следење на контактите и строги ограничувања на движењето за да го намали бројот на случаи на заразени. Оттогаш, градот-држава почна да олеснува некои од ограничувањата поврзани со вирусот.
Извор:
Washingtonpost.com
Фото: Freepik