X
 10.02.2020 Живот

Зголемен број барања за умирање

Една клиника од Холандија специјализирана за евтаназија соопшти дека минатата година имала повеќе од 3.000 барања за прием на пациенти. Тоа претставува зголемување од 22 отсто во споредба со 2018 година.

Центарот за експертиза на евтаназијата во Хаг соопшти дека во 2019 година примил точно 3.122 барања, што е најголем број од основањето на клиниката во 2012 година. Тогаш клиниката добила околу 900 барања. Центарот им помага на лекарите во процесот на евтаназија на пациентите чии лични лекари не сакаат да поднесат барање за асистирана помош во умирањето.

- Секој работен ден доаѓаат во просек 13 лица и бараат помош од нас - вели директорот на установата, Стивен Плејтер.

Бројот на барањата, кој бил стабилен во 2017 и 2018 година, минатата година се зголемил, додава Плејтер, не наведувајќи ги причините за таквиот развој на настаните.

Клиниката треба да се приспособи на тоа и затоа нуди работни места за лекари, психијатри и медицински персонал, додава тој.

Според податоците на холандското министерство за здравство, точно 6.126 лица починале со евтаназија во Холандија во текот на 2018 година, од кои 12 отсто во клиника.

Повеќето случаи се однесувале на пациенти што боледувале од рак. Холандија и Белгија се првите земји во светот што во 2002 година ја легализираа евтаназијата.

Холандскиот закон дозволува под строги услови секое лице постаро од 12 години да може да побара евтаназија. Децата до 16 години мора да имаат дозвола од родителите или законските старатели.

Најмалку двајца лекари треба да потврдат дека не постои ниедно друго разумно решение за пациентите и дека болката е неподнослива и без надеж за какво било подобрување на состојбата.

Конечната одлука за евтаназија се носи по сложена процедура која вклучува темелни разговори со пациентот, анализа на неговиот лекарски картон и проверка дали сѐ е во согласност со законот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот