X
 10.03.2018 Живот

Најдобриот жив математичар - Григориј Перелман живее аскетски живот, чита книги и е бескрајно среќен

Најдобриот жив математичар - Григориј Перелман ја пронајде среќата која не зависи од парите. Тој одби заслужена награда од милион долари, живее аскетски живот, чита книги и тоа го прави бескрајно среќен. Невработен е и живее во Санкт Петербург во станот на неговата мајка и од нејзината пензија. Григориј го потврдува непишаното правило дека на секој гениј му е потребен брат или сестра што ќе го издржува. Соседите ретко го гледаат. Понекогаш се шета во старото сако и фармерки. Тврдат дека тој живее во сиромаштија, иако веруваат дека Григориј го мисли истото за нив. Григориј живее во Поенкареовиот модел на хиперболична геометрија, а тој свет е поубав и поинтересен од овој нашиот, евклидскиот. 

Григориј беше предмет за потсмев во светот, претежно од оние што едвај завршиле основно. Истите тие што би го советувале Ајнштајн, додека Тесла би го удирале на улица. Тоа што алгоритмот на Перелман сè уште не може да најде примена за изживување на рудиментарните нагони, колку и да звучат интелектуално,  ја открива примитивноста на стапицата со која критичарите на Перелман се обидуваат да го уловат животот.

Математиката не е работа на мислење, како што ни човекот не е рационално суштество. Светските институции би требало да го регулираат правото на возрасните да бидат ирационални и неразбирливи. Психологијата нè учи дека кога ќе се најде објаснување за некоја околност или појава, тогаш се блокира природната тенденција на свеста да дејствува самостојно понатаму. На тој начин веќе не се запознаваме самите себе и не развиваме креативни идеи. Една од мистагошките категории е токму Григориј Перелман, кој решил еден од седумте милениумски проблеми на математиката: тополошкиот проблем според кој секој тродимензионален простор кој е без дупки, поврзан и конечен, всушност е еднаков на развлечената сфера. Тој околу осум години работел на решавањето на Поенкареовата хипотеза, а целата постапка ја објаснил на илјада страници. Освен по тоа што го одби милионот, тој остана запаметен и по реченицата: „Ако можете да ги тренирате рацете и нозете, зошто избегнувате да го тренирате мозокот?“

Математиката е универзален модел на природата, а природата е сè што знаеме. Уметноста и филозофијата се засноваат на математиката, додека науката и уметноста во крајната точка се спојуваат. Григориј е руски уметник, љубител на виолината и математичар, кој интелектуално е над монетарниот систем. Само таква личност можеше да го реши милениумскиот проблем. Паметен и скромен, Перелман би требало да биде пример за џетсетот, кој знае да брои, но на прсти.

Западот изгради империја на суетата на простите луѓе. Антипод на Макевијализмот, Григориј е модерниот Диоген, слободен во секој поглед. Иако е социјален случај, на Перелман му е доволно тоа што го има. Овој Русин е роден на 13 јуни 1966 година, а како еден од петте члена на советската екипа, во 1982 година на Меѓународната математичка олимпијада освоил златен медал. Докторирал во Санкт Петербург, предава на неколку американски универзитети, но во 1994 година дал отказ на „Беркли“ во Калифорнија и се вратил во Русија. Иако го решил Поенкареовиот милениумски проблем, тој за тоа му се пофалил само на еден колега, кој бил одушевен од откритието и ги презентирал резултатите пред научната јавност. Трустот математички мозоци по низа испитувања на резултатот, истиот го прогласил за победоносно откритие. Перелман ја одбил Филдсовата награда, која е еквивалент на Нобеловата, како и ЦМИ признанието во висина од милион долари. Луѓето како Григориј ги надраснуваат медиокритетите и секојдневните човекови потреби, па и потребата за пари и слава. Тој не се појавил на церемонијата на доделување во Мадрид, што се случило првпат во историјата на оваа награда, коментирајќи како баш тој ден мора да оди во шума за да собира печурки. Сосема логично објаснување на еден гениј.

Перелман накратко искоментирал дека Европското друштво на математичари не е компетентно да го оценува неговиот труд, без оглед на тоа дали оцената е позитивна. Тој изјавил и дека не е заинтересиран за пари и слава и дека не сака да биде изложен како животно во зоолошка градина. Потоа тој стана најголемата енигма во историјата на американските медиуми, на кои капиталот им е на ранг на божество.

Сите соби во станот на Перелман се преполни со книги и хартии. Соседите се жалат дека им смета кога топчето за пинг-понг лупа во ѕидот. Обичните смртници трчаат по материјални нешта, по пари, слава, додека луѓето како Григориј се задоволни со основните потреби, со императив на трагањето по тајните. Резултат на тоа е што материјалистите бргу заминуваат во заборав. Оние како Моцарт, кој умрел на 36 години во најголема беда и кој е погребан со сиромашните, па гробот и денес не му е познат, живеат вечно.

Перелман не гледал на сопствените интереси колку на човештвото и на идните поколенија. На некои луѓе едноставно им е важно да имаат пари за да можат да купат „ауди“, „реј бан“ и да врескаат по цел ден во некој бар. На крајот зад себе оставаат зборови како „Излегував, се забавував“.

Она што Григориј Перелман го направил не може ни милијарда долари да го купат. Токму поради тоа што речиси никој не го разбира, тој го разбрал и сфатил она што никој не го сфатил во последните сто години. И најблескавиот ум на сите времиња, Никола Тесла, умрел како сиромашен. Иако заслужил неколку Нобелови награди, парите ги земале оние што ги украле неговите изуми. Велел дека му е жал што ги крадат неговите идеи и немаат сопствени.

Човекот кој живее за принципи, а не за пари, го отфрла комодитетот знаејќи дека постои нешто повредно од парите. Нештата се финансиски лимитирани и не постои нешто околу кое не може да се преговара. Таквиот вазален однос не се вклопува во концептот на генијот. „Нормалноста“ наметната од мнозинството доведе до тоа нашите „интелектуалци“ денес речиси никогаш да не одбиваат сто евра, 200 грама кафе или шише алкохол. Затоа гениите на нашите простори сè почесто се лица чии имиња ги носат еднонасочните улици.

И во Русија, Григориј често е мета на потсмев. Многумина му префрлаат зашто не ги зел парите и ги префрлил во добротворни цели, заборавајќи дека тој, наместо пари, на следните поколенија на цивилизацијата им оставил врвно знаење, целосно бесплатно.

Гениите често имаат проблем во комуницирањето со околината, но затоа тоа го компензираат во некои други нешта. Токму таквите го движат светот. Додека да се биде богат, значи да се биде човек кој во целосна самотија се забавува со силата на својот дух и текот на мислите. Последното што рускиот гениј им го рече на новинарите беше: „Знам како функционира универзумот. Кажете ми зошто тогаш би трчал да земам некој милион долари?“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот