X
 10.03.2018 Технологија

Почнува првиот хакатон... во Ватикан


Папата Франциско
(Фото: Pixabay)


Иако папата Франциск досега предупредуваше на опасноста од технологијата и на ограниченоста на комуникацијата преку екран, во Ватикан се свесни колку е важна технологијата и дека може да се искористи за добри и благородни цели. Токму со таквото размислување за позитивната примена на технологијата почнува првиот хакатон (hackaton) во Ватикан.

Во текот на три дена, околу 120 студенти и ментори од повеќе од 50 универзитети од светот ќе се обидат да го искористат своето знаење од областа на технологијата, со што би решиле некои од големите проблеми кои папата Франциск ги постави како приоритети – проблемите со кои се соочуваат мигрантите и бегалците, социјалната вклученост и меѓуверскиот дијалог.

„VHacks“ е организиран во соработка со некои од најголемите технолошки компании, како „Мајкрософт“ и „Гугл“, а на него соработуваат луѓе од различни делови од светот и од различни вери.

Овој хакатон е знак на трансформација на Католичката црква предводена од папата Франциск и е начин на кој младоста и технологијата „се учат“ во Ватикан, односно на кој студентите ќе ги посветат времето и енергијата на реалните светски проблеми, напоменува „Гардијан“.

„Целта ни е да ги собереме луѓето со знаења од технологијата, бизнисот, граѓанското општество и општествените науки за заедно да донесеме нови перспективи, клучни за глобалните предизвици“, прокоментирал свештеникот Ерик Салобир, претседател на мрежата за истражување и развој „Оптик“, во пресрет на хакатонот. „Имаме луѓе од пет континенти, католици, муслимани и Евреи, како и атеисти“, додал Салобир.

Овој свештеник се осврнал и на претходните негативни изјави на папата Франциск, поврзани со технологијата, и напоменал дека ако папата предупредувал на одредени опасности, тоа не значело дека тој е против технологијата – туку дека само предупредувал на начинот на кој технологијата се искористува и дека е загрижен „поради одредени типови технологија поврзани со одреден тип капитализам“.

Повеќе пати ги предупредил и младите кои станале зависни од социјалните мрежи дека технологијата не може да ја замени интеракцијата во живо меѓу луѓето, а зборувал и за опасностите, но и за позитивните страни на вештачката интелигенција.

Исто така, папата Франциск смета дека при искористувањето на сите потенцијали на технологијата и иновациите на научниците секогаш треба да размислуваме за социјалната вклученост и еднаквост, со што технологијата би се искористила за благосостојбата на сите луѓе.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија