Експлозивното интервју на војводата и војвотката од Сасекс со Опра Винфри е значајно од многу причини - а една од нив е колку пати се споменува мајката на принцот Хари - принцезата Дијана.
Меган Маркл откри дека разговарала со една од пријателките на Дијана за притисоците од влегувањето во кралското семејство, бидејќи кој друг може најдобро да знае како изгледа однатре?
Постојат доста сличности во искуствата на двете жени во кралското семејство.
Принцот Хари изјави дека не сакал да се повтори историјата, пред тој и Меган да се откажат од должностите како
членови на кралското семејство.
Ова не е првпат тој да го споредува начинот на кој некои британски таблоиди известуваа за неговата сопруга со начинот на кој беше третирана неговата мајка, принцезата Дијана.
Принцезата Дајана важеше за една од најпознатите жени во светот и за неа често пишуваа весниците - нејзината добротворна работа и приватниот живот беа вклучени во насловите.
- Дијана стана единствена кралска икона. Беше позната насекаде во светот - вели кралската писателка Кети Николс.
Но, вниманието што го добиваше не беше секогаш позитивно, додава Кејти.
- Дијана беше критикувана во весниците. Таа беше најпозната личност на светот, а папараците беа постојано присутни во животот на принцовите Вилијам и Хари - вели таа.
И новинарот Џејмс Брукс се согласува со ова.
- Одвреме-навреме таа имаше добри односи со медиумите. Но, во одредени моменти таа се жалеше дека медиумите се премногу агресивни. Тоа беше комплициран однос - вели Брукс.
Во подоцнежните години Дијана даваше лични интервјуа кои натераа некои да поверуваат дека охрабрува публицитет и внимание.
Откако влезе во кралското семејство, Меган го затвори блогот што го водеше.
Кејти истакнува дека некои луѓе веруваат дека Меган и Хари се однесуваат контрадикторно.
Во јануари 2020 година Хари и Меган објавија дека ќе се откажат од најголемиот дел од кралските должности. Тие се преселија во Канада, а потоа во Калифорнија. Подоцна изјавија дека нема да се вратат во Велика Британија како активни членови на кралското семејство.
Откако се откажаа од кралските можности, тие почнаа поткаст на „Спотифај“, потпишаа договор со „Нетфликс“ и имаа интервју со Опра Винфри и Џејмс Корден.
- Луѓето не веруваа дека тие се преселија затоа што сакаа мирен живот и си велат: „Тогаш зошто одат кај Џејмс Корден и Опра Винфри и откриваат детали за нивниот син?“ - вели Кејти.
- Идејата за бегство од медиумското внимание во Велика Британија не им звучи искрено на многу луѓе кои сега почесто ги гледаат Хари и Меган отколку кога беа во Британија.
Хари во интервјуто со Опра рече дека договорите со „Нетфликс“ и „Спотифај“ никогаш не биле дел од првичниот план, но дека неговото семејство ги прекинало неговите финансии на почетокот од 2020 година.
Џејмс верува дека мислењето за принцот Хари кон медиумите се формирало по смртта на принцезата Дијана.
- Поголемиот дел од односот на Хари и Вилијам кон медиумите беше оцрнет со смртта на нивната мајка, бидејќи во нивните очи - папараците ја прогонуваа - вели Џејмс.
Принцезата Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз, на 31 август 1997 година. Принцот Хари тогаш имаше 12 години. Автомобилот бил следен од папараци на мотори. Подоцнежната истрага покажа дека Дијана е убиена поради „тешка небрежност“ на возачот и папараците.
Во документарец на Би-би-си од 2017 година, принцот Хари зборува за смртта на неговата мајка и улогата на папараците.
- Мислам дека една од најтешките работи со кои треба да се помири човек е фактот дека луѓето што ја бркаа во тој тунел беа истите оние што ја фотографираа додека умираше на задното седиште во автомобилот.
Негативно известување
И покрај најавата на принцот Хари за повлекување од семејството, Кејти верува дека Меган не ја следат и не ја бркаат папараци како Дијана. Сепак, таа смета дека принцот видел многу статии во кои е критикувана Меган.
- Тој ги напаѓа новинарите за кои верува дека постојано го разгоруваат негативниот наратив за неговата сопруга. Имаше многу негативни приказни за трошење, како цената за реновирање на нивната куќа, која беше платена од парите на даночните обврзници. Тие пари (3,3 милиони долари) парот подоцна ги врати - вели Кејти.
- Тука е и цената на дизајнерска облека на војвотката од Сасекс, која надмина стотици илјади фунти. Имаше и доста приказни поврзани со венчавката. Имаше шпекулации дека Меган сака освежувачи на воздухот во капелата. Имаше шпекулации за хистерија околу дијадемата - додава Кејти.
Во интервјуто со Опра, Меган кажа дека вистината за пробувањето на фустанот пред венчавката е обратна.
- Неколку дена пред венчавката Кејт се налути за фустаните за девојчињата и јас се расплакав - раскажува Меган. Таа додаде дека Кејт подоцна се извинила, донела цвеќе и честитка. Меган додаде дека Кејт е добра личност и дека надева дека би сакала да се исправат лажните приказни.
Навикната е да биде во центарот на вниманието на јавноста
Некои велат дека Меган би требало да очекува внимание бидејќи, за разлика од принцезата Дијана, таа беше позната личност пред да се омажи за Хари.
Кејти не се согласува.
- И покрај тоа што живееше како славна личност претходно, тоа не може да се спореди со тоа кога ќе станете дел од кралското семејство. Да, имаше статус на славна личност, но не како Анџелина Џоли или Никол Кидман. Тоа го кажа и самата, дека никогаш не го доживеала тој степен на внимание од јавноста. Мислам дека на Меган ѝ се посветува исто внимание како и на секој друг член на кралското семејство. Луѓето брзо забораваат, но и Кејт Мидлтон не се снајде добро во таблоидите - вели Кејти.
Извор:
ВВС
Фото:
Instagram